ПАРКИНГОТ ВО БИТОЛА ВЕЌЕ НЕМА ДА ГО УПРАВУВА ПРИВАТНИК, ТУКУ ОПШТИНАТА

    ПАРКИНГОТ ВО БИТОЛА ВЕЌЕ НЕМА ДА ГО УПРАВУВА ПРИВАТНИК, ТУКУ ОПШТИНАТАЗа одлуката гласаше само советничкото мнозинство предводено од СДСМ, а дел од опозицијата ја напушти седницата, дел не гласаше. - Паркинг во Битола (Фото: СДК.МК)

    Со зонското паркирање во Битола веќе нема да управува приватен концесионер, туку општината преку Јавно претпријатие за паркинзи и организирање јавен превоз. Иако во изминатите години, често се упатуваа критики за сообраќајниот хаос и паркирањето, сепак одлуката за формирање на јавно претпријатие и ставање крај на договорот што беше направен во време на претходната локална власт, крена лавина реакции. За одлуката гласаше само советничкото мнозинство предводено од СДСМ, а дел од опозицијата ја напушти седницата, дел не гласаше.

    Од ВМРО-ДПМНЕ ја напуштија седницата и искритикуваа дека иницијативата била покрената пред референдумот лани, а гласањето сега пред втоиот изборен круг што било политички популизам. За одлуката не гласаа ни советниците од независната група „Поинаку“, кои прашаа зошто по промената на власта веднаш не се раскинал договорот, туку одлуката се носи сега кога тој истекува за месец и половина.

    Од СДСМ велат дека со тоа што јавно претпријатие ќе стопанисува со паркинзите, средствата ќе се влеваат во општинската каса и паркирањето ќе биде поевтино. Критикуваат дека советниците од опозицијата не се охрабриле да ја поддржат одлуката, со што се ставиле во заштита на бизнис интересите што во минатото ги правел ВМРО-ДПМНЕ.

    Зонското паркирање во Битола започна да се спроведува од јуни 2013 година, кога тогашниот градоначалник Владимир Талески потпиша шестгодишен договор за јавно приватно партнерство со фирмата концесионер „Стентон Градба“. Сепак, зонското паркирање не го реши во целост проблемот со паркирањето низ градот. Дел од граѓаните избегнуваа да плаќаат за паркинг места, па често пати се паркираа по околните улички што создаваше дополнителен сообраќаен хаос и окупирање на тротоарите. Воедно граѓаните реагираа што дел од паркинзите беа обележани на самите коловози низ Битола, околу нивното одржување, чистењето на снегот и слично.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира