ПАТОТ НА МЛАДОСТА И ПО 40 ГОДИНИ ГО ОЖИВЕА АКЦИЈАШКИОТ ДУХ

    ПАТОТ НА МЛАДОСТА И ПО 40 ГОДИНИ ГО ОЖИВЕА АКЦИЈАШКИОТ ДУХАкцијашите Кире Марков и Игор Јосифовски на одбележувањето на 40-годишнината од сојузната работна акција „Патот на младоста 1982“. (Фото: СДК.МК)

    Кире Марков и Игор Јосифовски се педесет години разлика, но ги поврзува љубовта кон акцијаштвото. На одбележувањето на 40-годишнината од сојузната работна акција „Патот на младоста 1982“ што денес се одржа во Битола, двајцата дојдоа наредени со значки од акциите на кои учествувале.

    „Носам 24 ударнички значки од работни акции низ цела Југославија и една од интернационална акција во Ташкент. Да бидеш бригадир и ударник беше голема чест за една млада личност. На тие акции младите се калемеа во зрели личности кои ќе се носат со предизвиците на животот. Кога ќе направиш нешто и тоа ќе остане за век по тебе, доказ е дека бесполезно не си го потрошил животот. Сакам и денешните млади да бидат ударници инаку седнати по цел ден со телефоните не е во ред“, рече Марков.

    Игор Јосифовски од Охрид има 19 години и тој е дел од подмладокот на некогашните акцијаши.

    „Младите не се многу заинтересирани за акцијаштвото , но се надевам со тек на време повеќе и повеќе млади ќе ни се приклучат. Не живеев во бивша Југославија, а се приклучив во акциите преку мојот професор од училиште и откако започнав од 2014 година до денес сум активен учесник. Сум учествувал во повеќе меѓународни и регионални акции“, рече Јосифовски.

    Изложените фотографии сведочеа за големото другарство, љубови кои се раѓале на акциите, па дури и свадби.

    Во Битола денес се собраа акцијаши од цела држава да се потсетат како пред четири децении го градеа Патот на младоста Прилеп-Битола-Ресен, а потоа и хидросистемот „Стрежево“. Изложените фотографии сведочеа за големото другарство, љубови кои се раѓале на акциите, па дури и свадби. Невеста од Вараждин, а зет од Крагуевац се запознале како акцијаши и додека се градел Патот на младоста направиле свадба.

    „Три години работевме на патот Прилеп-Битола –Ресен. Секоја година учествуваа по пет до шест бригади, околу 1.000 луѓе во една смена. Имаше претставници од сите републики, дружење и едни други вредности за разлика од денес“, рече Мишко Гелевски, командант на акцијата.

    Во Битола денес се собраа акцијаши од цела држава да се потсетат како пред четири децении го градеа Патот на младоста Прилеп-Битола-Ресен, а потоа и хидросистемот „Стрежево“.

    Настанот го организира Здружението „Волонтери-Пелистер“, а акцијашите го посетија и Ниже Поле каде на времето помагаа во изградба на туристичката населба и ски лифтот.

    „Пет години бев командант за траса, браната Стрежево ја имам пешки поминато кога немаше ни вода, ни пат. 34 години акцијаш бев. Штета што денес ова не се случува. Немаше тешко, работеа машините- работеа младите, срамно беше да се каже не можам“, рече Киро Димовски- Французо.

    Денес најмладиот ученик беше детенце од една година и четири месеци Душан Јанкуловски кој го носи името по неговиот покоен дедо, некогашен акцијаш и еден од иницијаторите на обновување на ваквата традиција во Битола.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

     

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира