Пожар утрово изби во Градската општа болница (ГОБ) „8 Септември“ во Одделението за ортопедија. Како што изјави за САКАМДАКАЖАМ.МК командирот на Противпожарната бригада Ѕвонко Томески, гореле инвалидски колички.
„Добиен е повик преку 112 и веднаш се упатени 4 возила во болницата. Гореле инвалидски колички на тераса од болничка соба. Веднаш со противпожарните апарати се изгаснати. Значи, пожарот бил од количките, не се запалила никаква инсталација”, вели Томески.
Од Пожарната велат дека веднаш сите пациенти од Одделот се евакуирани и нема поврдени. Што е причината за запалените колички ќе покаже истрагата.
Според извори на САКАМДАКАЖАМ.МК од болницата, пожарот настанал откако пациент најверојатно запалил цигара на тераса на една од болничките соби на вториот спрат. Од ветерот густиот чад навлегол на целиот Оддел. Вработените веднаш ги евакуирале пациентите, а некои од медицинскиот персонал се на кислородна терапија бидејќи вдишале густ чад.
Центарот за управување со кризи (ЦУК) соопшти дека на бројот 112 е добиено известување за пожар на вториот кат во ГОБ „8 Септември“ во Скопје, по што веднаш се известени Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје (БППЗ).
„Од страна на БППЗ е потврдено дека станува збор за пожар во внатрешна просторија во Одделението за ортопедија, кој е локализиран и нема опасност од негово понатамошно ширење“, вели ЦУК.
А. АНТЕВСКА



