ПЕДЕСЕТ АКЦИЈАШИ ОД МАКЕДОНИЈА ЌЕ ОДАТ НА АКЦИЈА ЗА ПОШУМУВАЊЕ ВО СЛОВЕНИЈА

    ПЕДЕСЕТ АКЦИЈАШИ ОД МАКЕДОНИЈА ЌЕ ОДАТ НА АКЦИЈА ЗА ПОШУМУВАЊЕ ВО СЛОВЕНИЈАВо Штип активно работи Здружението на работните акцијаши „Пат на младоста“ во кое членуваат голем број акцијаши, ветерани кои учествувале во сите поранешни работни акции (Фото: СДК.МК)

    Во соработка со Сојузот на акцијашите на Словенија, над 50 работни акцијаши од Македонија, ветерани и млади волонтери од 11 до 13 октомври ќе  учествуваат во акција за пошумување во Словенија, како симбол на некогашните работни акции што ги имаше во поранешна Југославија.

    Еден од главните иницијатори и координаторите за обновување на работното акцијаштво со вакви еко акции кај нас и во регионот е штипјанецот Никола Кангалов.  Тој, иако неколку години е пензионер, со својата виталност им дава пример и на младите акцијаши.

    Еден од главните иницијатори и координаторите за обновување на работното акцијаштво е Никола Кангалов. (Фото: СДК.МК) .

    „Педесет акцијаши од повеќе градови во Македонија, од кои 14 се од Штип, на покана на Сојузот на акцијашите во Словенија го прифатија учеството на оваа меѓународна средба на акцијашите не само од Балканот кои некогаш беа дел од поранешна Југославија која ги негуваше доброволните работни акции, туку ќе има учесници и од други европски земји“, вели Кангалов.

    Тој во младоста заедно со голем број домашни акцијаши биле учесници на сите работни акции што биле организирани во тоа време.

    Вели дека во Штип веќе шеста година активно работи Здружението на работните акцијаши „Пат на младоста“, во кое членуваат голем број акцијаши, ветерани кои учествувале во сите поранешни работни акции во изградба на патишта, пруги и многу други објекти. Во здружението сега има и млади луѓе.

    „Имаме редовни средби со акцијашите од Македонија, а веќе воспоставивме соработка и со сличните здруженија и во соседните земји. За многу краток период, во изминатите неколку години заеднички учествувавме во работни акции во Палиќ, во Ниш, Јагодина и во Нови Пазар каде седум наши млади волонтери и двајца ветерани заедно со уште 150 акцијаши од многу места работеа на вештачкото езеро. Се надеваме дека и од Словенија ќе се вратиме со убави чувства и незаборавни спомени“, вели Кангалов.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира