ПЕХЧЕВО ГО ОТСТАПИ ГРАДСКИОТ СТАДИОН НА ПОЖАРНИКАРИТЕ ОД АВСТРИЈА КОИ ГАСАТ ПОЖАРИ ВО РЕГИОНОТ

    ПЕХЧЕВО ГО ОТСТАПИ ГРАДСКИОТ СТАДИОН НА ПОЖАРНИКАРИТЕ ОД АВСТРИЈА КОИ ГАСАТ ПОЖАРИ ВО РЕГИОНОТХуманитарниот конвој од над 80 специјализирани возила и 140 пожарникари од Австрија се стационирани на градскиот стадион во Пехчево. (Фото: СДК.МК)

    Општината Пехчево реши градскиот стадион и просторот околу стадионот да го отстапи на користење на пожарникарите од Австрија кои дојдоа да помогнат во гаењето на големите пожари во регионот, чиј механизиран конвој се состои од 140 луѓе и 80 противпожарни и други специјализирани возила за дејствување во шумски предели. Тој сега е стациониран главно на атлетската патека од стадионот, но возила има и на просторот пред стадионот каде се сместени контејнерите за потребите на пожарникарите.

    „Граѓаните на Пехчево одлично ги прифатија хуманитарците од Австрија, а тие како што самите изјавуваат, се многу задоволни од гостопримството и од нашата соработка и координација на активностите околу гаснењето на пожарите“, вели градоначалникот на Пехчево Драган Тренчевски.

    Тој вели дека одлуката за користење на стадионот и просторот пред стадионот е донесена задно со ФК Кит-Го, кој со договор го има добиено градскиот стадион за тренирање и одигрување на фудбалски натпоревари. Тие без размислување се одлучиле на ваков чекор затоа што со одличната подготвеност на пожарникарите од Австрија и со локалното население се успеа да се локализираат пожарите во Општина Пехчево.

    „Веќе е остранета опасноста за селата Робово и Умлена, спасена е и црквата ‘Св. Петка’“, вели градоначалникот Тренчевски.

    Тој, како раководител на Кризниот штаб го задолжил јавното комунално претпријатие им да помага на австриските пожарникари, па со цистерни редовно се врши дотур на вода за противпожарните возила. Тие сепак се најмалку стационирани, затоа што пожарникарите  и нивните возила постојано преку денот и преку ноќта се во акција.

    Формиран е и пункт со цистерни со керозин од каде хелокоптерите можат да точат гориво, а на сите жаришта каде имаше пожари поставени се дежурни екипи да ја следат состојбата и да интервенираат ако има потреба. Но, според градоначалникот на Пехчево, сега состојбата е многу подобра во нивната општина па се праќа помош во луѓе и цистерни во соседната Општина Берово, најмногу во атарот на Будинарци каде пожарот вчера ескалираше. Во Општина Берово се стационирани пожарникарите од Словенија.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира