Сојузот на пензионери – Пензионери за достоинствен живот до Собранието поднесе Иницијатива за измена и дополнување на Законот за пензиско и инвалидско осигурување и за дополнување на Законот за здравствено осигурување по скратена постапка. Ова денес е одлучено на заедничкиот состанок на Извршниот одбор на Сојузот, на кој присуствуваа претставници на здруженијата на пензионери од повеќе градови, а кој се одржа во Тетово.
„Законот за измени и дополнување на Законот за ПИОМ вчера го поднесов во Собранието, како и Законот за измени во Законот за здравствено осигурување. Во нив се опфатени сите наши барања, а тоа се линеарно, а не процентуално покачување на пензиите, минимална пензија да изнесува 18.000 денари, да нема партиципација за болничко лекување за мажите постари од 64 години и за жените постари од 62 години. Сега чекаме политичките партии кои се во Собранието да ги поддржат овие наши барања и откако ќе поминат на собраниските комисии, тие да се најдат на гласање во Собранието“, изјави Драган Угриновски, претседател на Сојузот на пензионери – Пензионери за достоинствен живот.
Пензионерите најавуваат дека, кога овие законски измени ќе дојдат на одлучување во Собранието, ќе бараат пратениците да гласаат за нив со поединечно гласање.
З. АНДОНОВ