Охрид ќе добие Дневен центар за пензионери откако Општината реши да купи деловен простор во извршна постапка, а Советот одобри. Од локалната велат дека се одлучиле на ваков чекор оти не можеле да наплатат побарување од должник, па сега Општината ќе се стекне со имот чија купопродажна цена пола ќе ја плати, а пола ќе ја пребие од побарувањето.
„Станува збор за должникот ‘Биг стоун’ ДООЕЛ од Струга. Ние имаме основно побарување од нив од 3.872.750 денари (околу 62.600 евра – н.з.). Купопродажната цена е 4.760.100 денари (околу 77.000 евра). Она што ние, пред да се пребиеме со побарувањето што го имаме по однос на оваа купопродажна цена, мора да го исплатиме е износот према Халкбанка која исто е доверител кон овој должник и е пред нас за намирување. Износот кон Халкбанка е хипотека од 2.097.397 денари (околу 34.000 евра) и тоа е износот што треба да го платиме. Доколку на тој износ се додаде и адвокатски и извршни трошоци, треба Општина Охрид да исплати 2.443.251 денар (околу 39.500 евра)“, вели секретарот на Општина Охрид, Александар Китески.
Според Китески, откако Општината ќе стане сопственик на овај недвижен имот истиот, во соработка со Министерството за социјална политика ќе се пренамени во Дневен центар за пензионери. Деловниот простор чиј сопственик ќе стане Општина Охрид се наоѓа во близина на населбата Чекоштина.
Ова е прв случај единица на локална самоуправа да купува деловен простор врз основа од Законот за извршување.
„Оправданието за носење на оваа одлука е тоа што оваа фирма е платежно неспособена, нема од каде да се наплати, нема пари на сметка и единствен имот со кој располага е токму овој деловен објект. Досега немало ваков случај. Се консултиравме со Државен завод за ревизија и во Министерство за локална самоуправа и согласно закон не можевме да најдеме основ, единствен законски основ за стекнување имот на ваков начин е Законот за извршување“, кажа Китески.
Охридските пензионери со години покрај дом за стари лица бараат и дневен центар.
„Неопходен ни е дом за стари лица и дневен центар за активно стареење, каде ќе се социјализираме, ќе се занимаваме со разни активности за подобрување на менталното и физичкото здравје“, велат пензионерите од Охрид.
С. ВРЕНЦОВСКА