Директорот на ЈП „Водовод и канализација“ Златко Перински вработил над 100 партиски војници во претпријатието, кажа денеска градоначалничката Данела Арсовска. Таа најави дека ќе се ревидираат нивните договори и нема да толерира расипничко однесување кое претставува дополнителен товар врз буџетот во услови на економска и енергетска криза.
Вели дека до сега не знаела за ваквите вработувања и дознала дури откако го разрешила Перински. Тврди дека таа во Градот не вработува партиски кадри.
„Тој бил должен да не` известува, но ние тој податок на го знаевме додека не им најавивме дека ќе влеземе да правиме ревизија на работењето оти имавме индиции дека има луѓе кои не доаѓаат на работа, а земале плата. Во Градот не сме вработиле партиски војници. Имавме лице кои беше секретар на Градот и останатото се луѓе кои како нововработени дојдоа на испразнети места од лица кои си заминаа или отидоа во пензија“, рече Арсовска.
Разрешениот директор на „Водовод“ Периснки вели дека во период од 05.07.2022 до 07.07.2022 во просториите на претпријатието е извршен инспекциски надзор од страна на Државен инспекторат на труд и не биле констатирани никакви неправилности.
„За надзорот имаме записник дека се` е кристално чисто и дека сме институција каква што не постои во Македонија, каде сите влезови и излези се евидентирани на електронски систем, како и со потпишани пропусници и за службен и за приватен излез на вработените. Покрај записникот на кој јасно пишува дека нема никаква забелешка, добивме и усна пофалба. И овој извештај е поткрепен и со потпишани потврди од секој секторски раководител и сите документи се доставени до Град Скопје“, вели Перински.
Арсовска дојде на градоначалничката функција пред нецела година со поддршка на ВМРО-ДПМНЕ, па на дел од директорските места таа постави кадри на партијата. Соработката прекина во понеделникот кога го разреши Перински оти се сомневала дека го мести тендерот за пречистителна станица и оттогаш постојано Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ се препукуваат.
А. АНТЕВСКА