ПЕСОКОТ ОД КОРИТОТО НА ПЧИЊА БЕЗМИЛОСНО СЕ ЕКСПЛОАТИРА, ОБВИНУВААТ ЖИТЕЛИТЕ ОД КУМАНОВСКАТА НАСЕЛБА ШУПЛИ КАМЕН

    ПЕСОКОТ ОД КОРИТОТО НА ПЧИЊА БЕЗМИЛОСНО СЕ ЕКСПЛОАТИРА, ОБВИНУВААТ ЖИТЕЛИТЕ ОД КУМАНОВСКАТА НАСЕЛБА ШУПЛИ КАМЕНМештаните велат дека поради деноноќното копање им пресушиле бунарите и било уништено речното корито (Фото: СДК.МК)

    Жителите на кумановското село Шупли Камен ја обвинуваат државата дека нема контрола врз фирмите на кои им дала концесија за експлоатација на песок, поради што безмилосно се искористува овој природен ресурс, без да се води грижа за животната средина и за локалните интереси.

    „Фирмата врши ископ дење-ноќе, се работи до два часот по полноќ. Песокот крвнички се експлоатира, а нема ништо од уредувањето на речното корито. Ние сме загрозени затоа што пумпите и бунарите од левата и од десната страна ни пресушија, а нивото на водата го спуштија за 7-8 метри. Нема ништо од туризам и риболов, поради што порано доаѓаа луѓе од Куманово“, изјави Драги Јовановски од Шупли Камен.

    Како што раскажуваат мештаните, последните две години фирмата „Профи-компани“ од скопската населба Илинден не се придржува до елаборатот што го потпишала и го уништила речното корито. Дополнителен проблем е што камионите дигаат голема прашина која ги загадува нивните производи во бавчите и овоштарниците.

    Тие бараат да се одземе концесијата на фирмата, бидејќи не се придржувала на П преземените обврски за уредување на речното корито, а СВР Куманово и Јавното обвинителство да ја испитаат работата на претпријатието, бидејќи сметаат дека има злоупотреба во работењето.

    Жителите го пријавиле случајот до сите надлежни институции, по што инспекторка од Министерството за животна средина излегла на терен, но нема изгледи дека постапувала по нивната пријава. Доколку и овој протест не даде резултат, жителите најавуваат дека ќе ја блокираат сепарацијата, а како месна заедница ќе поднесат кривична пријава за несовесно работење.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира