По дваесетчасовната битка со пожарот на ридот над Битола, во гаснењето се вклучија пет „ер-трактори“, од кои три на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) и два турски. Пожарот и претходно беше ставен под контрола, но постеше ризична точка да се прошири на поголем шумски појас, за чие гаснење ќе беа потребни денови.
„На ризичното место се стационирани поголем број луѓе од Пожарната и од комуналните претпријатија. Тоа е малку непристапен терен и се обидуваме да го изгаснеме таму оти е ризично, ако замине огнот натаму ќе се направи нешто поголемо од ова. Стационирани се околу 40 лица, тоа е нискостеблеста шума, голем густеж, не можат да се пробијат пожарникарите да влезат за да го изгаснат. Воздухопловите ќе ни помогнат да се справиме“, рече командирот на полицијата Горан Димковски.
Пожарот зафати делови кај обиколницата на ридот над Битола од тунелот кон бензиската станица „Лукоил“, искачувајќи се високо до Бел Камен.
Синоќа битолчани имаа несона ноќ со миризба на изгорено, а и денес градот е прекриен со облаци чад. Во текот на ноќта, за да се изгасне пожарот беше вклучен целосниот капацитет на Територијалната противпожарна единица од Битола, вработени во јавни претпријатија и доброволци кои цела вечер останаа на терен, борејќи се огнената стихија да не го зафати градот. Во еден момент беше ризично и огнот се доближи до куќите.
Изгорени се над сто хектари нискостеблеста вегетација и мешовите шума претежно со багрем.
Димковски вели дека пожарот е предизвикан од човечки фактор.
„Не можеме точно да кажеме дали настанал од дивата депонија, кога стигнаа пожарникарите огнот беше навлезен во некоја шумичка, дали од сметот се запали или го запалил некој во шпумата, не знаеме точно. Но, човечки фактор е причината со сигурност, зашто и отпушок од цигара не може некој да фрли на 15 до 20 метри од патот“, рече командирот.
Покрај претпоставката дека пожарот настанал од дива депонија, има уште една за која неофицијално зборуваат лица вклучени во гаснењето. Ден пред големиот пожар биле фатени двајца жители на Битола од населба во непоредна близина на местото каде се појави пожарот, како палеле гуми и постоела опасност огнот да се прошири на околниот рид. Ги открил пожарникар кој ги пријавил во полиција, а ден потоа се појавил големиот пожар.
Крај обиколницата каде настана пожарот има повеќе диви депонии кои се потенцијална опасност од појава на пожари. Некогашниот пат за каменоломот е претворен во ѓубриште.
Ж. ЗДРАВКОВСКА