ПЕТМИНА ПОЛИЦАЈЦИ ПРЕТЕПАНИ ОД ДРВОКРАДЦИ КАЈ ВЕЛЕШКОТО СЕЛО СТЕПАНЦИ

    ПЕТМИНА ПОЛИЦАЈЦИ ПРЕТЕПАНИ ОД ДРВОКРАДЦИ КАЈ ВЕЛЕШКОТО СЕЛО СТЕПАНЦИШумските полицајци во бројни претходни случаи сведочат дека дрвокрадците на планината Мукос се агресивни и се закануваат со пиштоли, секири и ладно оружје (Фото: СДК.МК)

    Полициска патрола вчеравечер била нападната од дрвокрадци на планината Мукос, во близина на селото Степанци. Петмина полицајци се здобиле со повреди, двајца се тешко повредени и тројца полесно. Инцидентот се случил околу 19:45 часот на стариот пат Велес-Прилеп, преку Јасеново.

    „На стариот пат село Извор-Прилеп, во атарот на селото Степанци, група граѓани кои вршеле бесправна сеча на огревни дрва ја нападнале патролата од петмина полициски службеници од Полициското одделение Чашка. Досега се приведени четири лица“, соопшти Верољуб Додески, портпарол на СВР Велес.

    На самото место дошла екипа на Брзата помош, која пристигнала со асистенција на полицијата.

    „Еден пациент има повреда на главата, а вториот затворена рана на стомакот. Дадена е прва помош и веднаш се префрлени на Хируршкото одделение во Велешката болница“, информираше д-р Васе Пановска, портпарол на Итната помош.

    Најновите информации се дека двајца од повредените полицајци се пуштени дома. Со најтешки повреди минал командирот на Полициското одделение Чашка.

    „Како итни случи се донесени пет лица, две со потешки повреди. Еден пациент поради повреди на черепот е префрлен на Ургентен во Скопје, тој им и скршеница на рака, а вториот е со рана на стомакот и е во шок соба, засега останува во болница. Трите останати лица се со полесни повреди, двајца се пуштени на домашно лекување, третиот е задржан на одделение“, кажа д-р Весна Николовска-Неделкова, портпарол на Општа болница Велес.

    Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, кој денеса го посети повредениот полицаец во бо лица, рече дека напад врз полициски службеник е сериозно кривично дело и такви постапки и однесување нема да се толерираат.

    „Очигледно е дека зголеменото присуство на полицијата на терен и јасната порака дека влегуваме во пресметка со криминалот предизвикува реакција кај криминалците. Таков е и случајот со дрвокрадците во велешко кои вчера нападнаа петмина полициски службеници, од кои еден наш колега со сериозни повреди е во клиничкиот центар во Скопје. Заедно со директорот на БЈБ Сашо Тасевски го посетивме нашиот колега во клиничкиот центар и се надеваме дека и тој и другите четворица колеги што побрзо ќе закрепнат и повторно ќе се вратат да им служат на граѓаните. Да бидеме јасни и никој да нема дилема. Секој што ќе нападне полициски службеник кој се грижи за безбедноста на граѓаните, ќе се соочи со законот. Напад врз полициски службеник е сериозно кривично дело и такви постапки и однесување нема да се толерираат. Ние веќе имаме приведени лица, продолжуваме со претреси и дополнителни активности и јасно порачуваме дека овие насилници ќе одговараат. Очекувам и брза постапка и на Јавното обвинителство, без калкулации. Заедно да придонесеме насилниците да одговараат. А ние како Министерство за внатрешни работи во наредниот период уште поинтензивно влегуваме во пресметка со криминалот“, рече министерот Спасовски.

    Со години, дрвокрадци ја пустошат шумата околу Степанци. Шумските полицајци во бројни претходни случаи сведочат дека дрвокрадците, кои без исклучок се од Прилепско, се агресивни и се закануваат со пиштоли, секири и ладно оружје.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира