Пингвините во скопската Зоолошка градина се крстени според ликовите од анимираниот филм „Пингвините од Мадагаскар“. Трите пингвини се машки и ги добија имињата Скипер, Прајват и Ковалски.
Од Зоолошката градина велат дека голем број граѓани на нивната Фејсбук страница предлагале новите животни да ги носат овие имиња, па без размислување го прифатиле предлогот.
„Кога ќе се комплетира целата екипа, пред нивното живеалиште ќе поставиме табличка со имињата на сите пингвини, како и нивните лични карактеристики. Пингвините одлично се прилагодуваат во новото живеалиште и на нашите зоо негуватели. Уште првиот ден го пробаа базенот и уживаа“, велат од Зоолошката градина.
Покрај трите пингвини кои стигнаа од Италија, во наредниот период Зоолошката ќе добие уште седум од Русија. Станува збор за јужноамерикански хамболт пингвини, кои можат да живеат и на повисоки температури.
Пингвините ќе живеат во современо живеалиште направено по светски стандарди, со голем надворешен базен и внатрешен топол дел со затворен базен.
А. АНТЕВСКА