Откупот на црвената пиперка „капија“ наменета за ајвар е максимално редуциран. Во кривогаштанскиот регион, познат по производство на квалитетна пиперка, откуп се врши во ограничени количества на сѐ уште активните откупни пунктови.
„Неколку пунктови се затворени. Ние се обидуваме едвај да задржиме минимална дневна динамика од 40-ина тони, но тоа е премалку за да се обезбеди пласман на целото производство во регионот. Едноставно, преработувачките фирми не дозволуваат да ги зголемиме откупните количества. Од друга страна исплатата на родот ќе биде дури по нова година, можеби и на пролет“, вели Рубин Шефтероски, сопственик на откупна фирма во село Бела Црква.
Земјоделците вината ја префрлаат на Владата и министерството за земјоделство. Гневни се и велат дека секоја година се соочуваат со проблеми, а Владата и министерството интерес покажуваат само за избори.
„Наместо да расте, откупната цена на ‘капијата’ годинава е пониска за 8 денари во однос на лани. Па, од ланските 22, сега ќе добиеме просечно по 14 денари за килограм. Кога ќе ги пресметаш трошоците, сите давачки,
даноци…што ќе ти остане? Парите ќе ни ги исплатат дури в година“, реагираат земјоделците од повеќе села во регионот.
И додека годинешниот род им скапува по дворовите, а земјоделците трпат големи штети, од министерството за земјоделство соопштуваат дека, годинешните проблеми се последица на хиперпродукција на пиперката.
„Откупот главно се одвива според капацитетите на преработувачката индустрија, која во моментов не е во можност да ги прифати зголемените понудени количества. Преработувачката индустрија го информираше министерството дека сите договори направени со градинарите се почитуваат и во однос на цените и во однос на количествата и препорачуваат постепена берба во договор меѓу откупувачите и земјоделците. Министерството од почетокот на годинава оддржа неколку состаноци со Македонската асоцијација на преработувачи и со претставници на градинарите, каде што беше укажано од потребата за склучување на договори пред почетокот на новото производство, со што градинарите ќе знаат каде ќе го продадат производот и по која цена“, соопшти министерството за земјоделство.