ПЛАНИНАРИ ТРГНАА ПЕШКИ ОД СТРУМИЦА ЗА СКОПЈЕ ЗА ДА МУ ОДДАДАТ ПОЧИТ НА БОРИС ТРАЈКОВСКИ

    ПЛАНИНАРИ ТРГНАА ПЕШКИ ОД СТРУМИЦА ЗА СКОПЈЕ ЗА ДА МУ ОДДАДАТ ПОЧИТ НА БОРИС ТРАЈКОВСКИНа маршот учествуваат 20-ина планинари од Струмица, Радовиш и Гевгелија (Фото: В. Трајков)

    Планинари од југоисточна Македонија тргнаа пешки од Струмица кон Скопје, за да му оддадат почит на трагично загинатиот претседател Борис Трајковски.

    Тие во наредните денови ќе поминат околу 200 километри, за да бидат присутни на одбележувањето на годишнината од смртта на Трајковски, кој загина во авионска несреќа кај Мостар во БиХ. На маршот учествуваат 20-ина планинари од Струмица, Радовиш и Гевгелија, кои се почитувачи на ликот и делото на Трајковски.

    „Трајковски заслужува многу повеќе од овој марш, бидејќи беше човек за народот. Тој не правеше делби помеѓу луѓето по која било основа. Ги почитуваше сите и работеше за просперитетна Македонија“, кажаа планинарите, кои тргнаа по дождливото време, а меѓу нив има и возрасни учесници со 70-ина години.

    Маршот го организира друштвото „Ентузијаст“ од Струмица, кое претстојниот викенд ќе го реализира и искачувањето на врвот Ботра на планината Беласица, висок 1.880 метри, именуван во чест на Трајковски. Најавени се 60-ина планинари од Македонија и Бугарија.

    „Ова е само мал дел што ние планинарите можеме да го сториме за нашиот сограѓанин Борис Трајковски, кој ги сакаше сите спортисти и се гордееше со секој спортски подвиг“, кажа Никола Ристов од „Ентузијаст“.

    Борис Трајковски загина на 26 февруари 2004 во падот на владиниот авион, со кој патуваше на меѓународна конференција во Бих.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира