И ПЛАНИНАРИТЕ И ОПШТИНА БИТОЛА ВЕТУВААТ ДЕКА ЌЕ ГО ГРАДАТ ДОМОТ „КОПАНКИ“

    И ПЛАНИНАРИТЕ И ОПШТИНА БИТОЛА ВЕТУВААТ ДЕКА ЌЕ ГО ГРАДАТ ДОМОТ „КОПАНКИ“Општина Битола најави дека ќе вложи 100.000 евра во обнова на домот „Копанки“

    Советот на Општина Битола донесе заклучок дека ќе изнајде решение за обнова на опожарениот дом „Копанки“ на Пелистер и дека со ребаланс на буџетот ќе вложи 100.000 евра. Ова доаѓа откако планинарско-спортскиот клуб „Пелистер” пред десетина дена со сопствени сили започна работна акција за обнова на домот.

    Од Советот ги повикаа планинарите да ги продолжат разговорите со градоначалничката за изнаоѓање заеднички прифатливо решение, оти Општината нема законска основа за вложување кога стопроцентен сопственик на домот е планинарското друштво.

    За ваквата иницијатива, покрај мнозинството предводено од СДСМ, гласаа и советниците од независната листа „Поинаку“. Но, тие обвинија дека решението се носи ад хок, во отсуство на претставници на друштвото.

    „Конечно ‘Копанки‘ дојде на ред, сакам да верувам дека ова е искрено. Но, има неколку работи со кои не се согласувам, иако сѐ она што ќе биде за обнова на ‘Копанки’ ќе го поддржиме. Ние денеска ад хок добиваме ваква точка, а најзасегнатата страна не е консултирана, а тоа е планинарското друштво“, рече Габриела Илиевска од „Поинаку“.

    Советниците од СДСМ и коалицијата одговорија дека најзасегната страна се граѓаните, а на нив пред избори им ветиле дека „Копанки“ ќе го обноват.

    „Иницијативата е сосема коректна, отвора можности за разговори со планинарското друштво и за финансирање во тој дел. Кога бевме опозиција во Советот, предложивме точка на дневен ред со која побаравме да се издвојат милион денари за обнова на домот. Тогашната власт не го прифати предлогот и гласаше против. И претседателот на планинарското друштво и тогашен советник гласаше против таквата иницијатива под притисок на ВМРО-ДПМНЕ“, рече Валентин Груевски од ЛДП, претседател на Советот.

    Од планинарско-спортскиот клуб „Пелистер“ велат дека тие имаат свои средства за подигање на потпорните столбови на објектот, но и дека се отворени за разговари со градоначалничката.

    „Нашата основна цел е тоа повторно да биде планинарски дом. Законот за локална самоуправа дава можности да ни помогнат. Во нашиот Статут, пак, е зацртано дека никој нема право да го оттуѓува имотот. И жичницата е во наша сопственост, па ја отстапивме на ‘ЕЛЕМ турс‘ на користење без надомест. И ‘Транскоп‘ на времето ја донесе жичницата од Франција, па беше на име на планинарскиот клуб. Не гледам зошто се комплицираат работите и барам од ‘Копанки“ да не се прави политика“, вели Димче Попов, претседател на ПСК „Пелистер“.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира