Со цел поддршка на процесот за прогласување на Шар Планина за Национален парк а воедно и поблиску запознавање со нејзините убавини, планинарскиот клуб „Љуботен“ од Тетово и Центарот за едукација и развој организираа еднодневен планинарски марш на кој учествуваа над 60 планинари и рекреативци. Овој марш наречен „Планинарска инстаграм тура Лешница“ се одвиваше низ животописните предели на Шар Планина, од село Бозовче па до месноста Лешница до Кривошијските водопади.
„Планинарската тура е во рамките на кампањата за прогласување на Шар Планина за национален парк која се спроведува од страна на Центарот за едукација и развој – ЦЕД а во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање и Програмата за животна средина на Обединетите Нации (УНЕП). На оваа планинарска тура учествуваа шеесетина вљубеници во Шар Планина и поддржувачи на идејата за прогласување на национален парк од Тетово и од Скопје но и од други градови. Турата ја нарековме „Инстаграм тура“ бидејќи идејата беше секој учесник, дали со својот професионален фотоапарат или со мобилен телефон, да направи фотографии од оваа наша планинска убавица и потоа тие фотографии можат да се споделуваат на Инстаграм под официјалниот хаштаг на кампањата „#ДаЈаЗаштитимеШара“. Та тој начин, не само учесниците на маршот туку и голем број други луѓе ќе можат преку фотографиите да ги видат убавините на Шар Планина и се разбира со тоа да помогнат конечно да се реализира нашата дамнешна идеја Шар Планина конечно да биде заштитена и да стане национален парк“, изјави Јован Божиновски од ПК „Љуботен“ од Тетово.
Идејата Шар Планина да биде прогласена за национален парк е стара повеќе од дваесет години. Во овој период идејата доби поддршка од сите досегашни Влади, но малку беше направено таа и да се реализира. Со последните активности на повеќе невладини здруженија и планинарски клубови активностите околу прогласувањето добија засилено темпо и со поддршката што е добиена и од оваа Влада се очекува до крајот на оваа година Шар Планина конечно да стане национален парк.
З. АНДОНОВ