ПЛАНИНАРСКИ МАРШ ЗА ПОДДРШКА ШАР ПЛАНИНА ДА СЕ ПРОГЛАСИ ЗА НАЦИОНАЛЕН ПАРК

    ПЛАНИНАРСКИ МАРШ ЗА ПОДДРШКА ШАР ПЛАНИНА ДА СЕ ПРОГЛАСИ ЗА НАЦИОНАЛЕН ПАРКМаршот наречен „Планинарска инстаграм тура Лешница“ се одвиваше низ животописните предели на Шар Планина, од село Бозовче па до месноста Лешница до Кривошијските водопади. (Фото: СКД.МК)

    Со цел поддршка на процесот за прогласување на Шар Планина за Национален парк а воедно и поблиску запознавање со нејзините убавини, планинарскиот клуб „Љуботен“ од Тетово и Центарот за едукација и развој организираа еднодневен планинарски марш на кој учествуваа над 60 планинари и рекреативци. Овој марш наречен „Планинарска инстаграм тура Лешница“ се одвиваше низ животописните предели на Шар Планина, од село Бозовче па до месноста Лешница до Кривошијските водопади.

    „Планинарската тура е во рамките на кампањата за прогласување на Шар Планина за национален парк која се спроведува од страна на Центарот за едукација и развој – ЦЕД а во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање и Програмата за животна средина на Обединетите Нации (УНЕП). На оваа планинарска тура учествуваа шеесетина вљубеници во Шар Планина и поддржувачи на идејата за прогласување на национален парк од Тетово и од Скопје но и од други градови. Турата ја нарековме „Инстаграм тура“ бидејќи идејата беше секој учесник, дали со својот професионален фотоапарат или со мобилен телефон, да направи фотографии од оваа наша планинска убавица и потоа тие фотографии можат да се споделуваат на Инстаграм под официјалниот хаштаг на кампањата „#ДаЈаЗаштитимеШара“. Та тој начин, не само учесниците на маршот туку и голем број други луѓе ќе можат преку фотографиите да ги видат убавините на Шар Планина и се разбира со тоа да помогнат конечно да се реализира нашата дамнешна идеја Шар Планина конечно да биде заштитена и да стане национален парк“, изјави Јован Божиновски од ПК „Љуботен“ од Тетово.

    Идејата Шар Планина да биде прогласена за национален парк е стара повеќе од дваесет години. Во овој период идејата доби поддршка од сите досегашни Влади, но малку беше направено таа и да се реализира. Со последните активности на повеќе невладини здруженија и планинарски клубови активностите околу прогласувањето добија засилено темпо и со поддршката што е добиена и од оваа Влада се очекува до крајот на оваа година Шар Планина конечно да стане национален парк.

    З. АНДОНОВ

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари