Националниот парк „Пелистер“ започнува со ново брендирање и изработка на модерна веб-страница која ќе ги содржи сите потребни и опсежни податоци за промација на планината. Воедно, во соработка со Факултетот за туризам и угостителство во Охрид се изработува Студија за развој на летниот и зимскиот туризам на Пелистер.
„Примарна нашата цел е мониторинг, конзервација и заштита на видовите т. е. заштита на природата на Пелистер. Треба да се водиме кон развој на на еко и активниот туризам, искуствениот и авантуристичкиот туризам каде примарните влогови не се високи, а од друга страна ја чуваме природата. Цела таа инвестиција е брзоповратна без да правиме поголемо сквернавење на природата“, рече Иванчо Тошевски, директор на Националниот парк „Пелистер“.
Ќе се воспостави систем на планински патеки, со маркација на терен, одржување и уредување на постоечките патеки, дефинирање кои се природните видиковци, вештачки и природни засолништа, летниковци и целосна џи-пи-ес маркација. Таа ќе содржи комплетни информации за должина, тежина на патеката, природни убавини, историските знаменитости и други карактеристики.
„Студијата подразбира утврдување на вредности кои потоа ќе може да се продаваат на туристите, односно да се користи планината, а не да се искористи. Ние треба да ја чуваме планината за идните генерации и затоа во студијата клучен елемент ќе бидат сите препораки во функција на успешен туризам врамен во општите трендови затоа што за тоа во Битола има голем потенцијал“, рече професорот Сашо Коруновски од Факултетот за туризам и угостителство.
Ж. ЗДРАВКОВСКА