ПЛАНИНАТА МУКОС СОГОЛЕНА ОД ДРВОКРАДЦИ, ЗА ТРИ ДЕНА ФАТЕНИ ДЕСЕТИНА АВТОМОБИЛИ ПОЛНИ СО ДРВА

    ПЛАНИНАТА МУКОС СОГОЛЕНА ОД ДРВОКРАДЦИ, ЗА ТРИ ДЕНА ФАТЕНИ ДЕСЕТИНА АВТОМОБИЛИ ПОЛНИ СО ДРВАНадлежните изминатата недела открија два обида за нелегална сеча (Фото: СДК.МК)

    На планината Мукос, на границата меѓу катастарските општини Велес и Прилеп, шумата немилосрдно се сече. За тоа предупредуваат велосипедистите, кои често се рекреираат по должината на стариот пат Велес-Прилеп.

    „Без никаков срам и одговорност, групи луѓе сечат дрва пред нас, ги товараат во автомобили и си одат. Тоа се случува во атарот на селото Степанци. Неколку викенди сме таму и секогаш иста глетка. Сè повеќе голи површини“, велат велосипедистите.

    Потврда за ова стигна и од надлежните, кои изминатата недела открија два обида за нелегална сеча. На самото место беа фатени десетина автомобили полни со дрва за огрев.

    „На 22/23 март, припадници на полициска станица Велес и припадници на Шумска полиција Велес во атарот на селото Степанци фатиле лице кое вршело бесправна сеча и превоз на огревни дрва, со возило „лада рива“ без регистарски ознаки, управувано од Ф.Ќ. (31) од Прилеп. На местото било затекнато и друго возило „лада рива“ без регистарски ознаки, натоварено со огревни дрва. Возилата се одземени“, информираше Верољуб Додевски, портпарол на СВР Велес.

    По целосно документирање на случајот, против Ф. Ќ. ќе биде поднесена соодветна пријава. Во вторникот, на истата локација во нова акција на шумската полиција од Велес и СВР Велес е спречен нов обид за нелегална сеча во околината на Степанци. Поголема група на дрвокрадци сечела дабови дрва. Притоа биле пронајдени шест автомобили полни со дрва за продажба.

    „На стариот пат Велес-Прилеп, кај месноста Дервен, во вторникот околу 10 часот беше откриена група дрвокрадци, која потекнува од Прилеп. Тие исекле 10 кубни метри дабово дрво и кога слушнале дека доаѓа патрола, уништиле три автомобили и побегнаа. Запленивме три автомобили полни со дрва, тие останаа на терен и не се во возна состојба. Се работи за добро организирана група, која брои десетина лица“, изјавија од Шумската полиција-подрачна единица Велес.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира