ПЛОЧНИКОТ ВО ПОРТА ВЛАЕ ЌЕ ОСТАНЕ ИСКРШЕН, ОПШТИНА КАРПОШ ГОДИНАВА НЕМА ПАРИ ДА ГО ДОПРАВИ

    ПЛОЧНИКОТ ВО ПОРТА ВЛАЕ ЌЕ ОСТАНЕ ИСКРШЕН, ОПШТИНА КАРПОШ ГОДИНАВА НЕМА ПАРИ ДА ГО ДОПРАВИПола година на плочникот не се работи, реновиран е само првиот дел, а останатото стои со искршени плочки. (Фото: СДК.МК)

    Остана недоправен и искршен плочникот во комплексот Порта Влае во Скопје. Лани во август, Општина Карпош со пари од програмата на ТАВ почна со реконструкција на еден дел од плочникот од задната страна на комплексот кај „Баду бар“. Како што кажа тогаш ексградоначалникот Стефан Богоев, за овој дел со површина од 6.000 метри квадратни обезбедени се 25,5 милиони денари од ТАВ,  а останата површина ќе се реновира со пари од буџетот.

    „Општина Карпош преку Советот донесе и развојна програма за финансирање и реконструкција и на останатиот дел од плочникот. На тој начин, вкупната површина која ќе биде реконструирана изнесува 14.380 квадратни метри“, рече Богоев на почетокот на градежните работи.

    Но, веќе половина година на плочникот не се изведуваат никакви градежни работи, реновиран е само првиот дел, а останатата површина стои со искршени плочки.

    Од кабинетот на градоначалникот Стевчо Јакимовски велат дека годинава нема пари за реконструкција на останатиот дел од Порта Влае.

    „Целосно е исполнет договорот со ТАВ, сè што е предвидено е реализирано. За оваа година не беа предвидени средства за таа локација поради лошата финансиска состојба на Општината. Доколку финансиската состојба е подобра следната годин, проектот ќе биде ставен на разгледување за негово довршување“, велат од Општина Карпош.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира