ПЛОШТАДОТ ВО КУМАНОВО УКРАСЕН СО НОВОГОДИШНИ УКРАСИ ИЗРАБОТЕНИ ОД УЧЕНИЦИ

    ПЛОШТАДОТ ВО КУМАНОВО УКРАСЕН СО НОВОГОДИШНИ УКРАСИ ИЗРАБОТЕНИ ОД УЧЕНИЦИОпштината на Плоштадот постави само новогодишна елка која е скромно украсена. (Фото: СДК.МК)

    Наместо традиционалните светилки и лампиони, учениците и професорите по ликовно воспитување од основните и средни училишта во Куманово денеска го украсија паркот на градскиот плоштад со украси од хартија, пластика и еко матерјали, кои самите ги изработија. Идејата за вакво украсување е на претседателката на Советот, која вели дека се одлучиле на ваков чекор поради економската криза, а средствата за новогодишно украсување ќе ги пренаменат за друга цел.

    „Со оваа иницијатива ја покренавме креативноста кај учениците со цел да го украсиме градот. Мислам дека средствата за украсување ќе се пренаменат за инсталирање на сончеви панели на градскиот базен“, изјави претседателката Ивана Ѓорѓиевска.

    Советот на Општина Куманово сè уште нема донесено одлука за пренамена на средствата за украсувањето и тоа најверојатно тоа ќе се случи на седницата на Совет во вторник. Претседателката вели дека догодина ќе го украсат градот, а сега е ова најдобро решение со оглед на целокупната состојба.

    Дел од граѓаните не се согласуваат со одлуката да не се украси градскиот плоштад, сметаат дека со тоа се изгуби празничниот амбиент, кој е многу значаен во овој период кога луѓето веќе две години се соочени со здравствената криза.

    „Требаше да го украсат барем паркот на плоштадот, вака пусто. Не се чувствува празнична атмосфера, нема културни настани. Нема каде да ги сликаме децата да се радуваат. Секоја чест на децата што денеска го украсија, но овие украси ќе ги снема кога ќе дувне првиот ветер“, вели кумановка  која го шеташе внучето на плоштадот.

    На градскиот плоштад е поставено само новогодишна елка, која е скромно украсена.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира