ПЛУС ЧЕТИРИ ДЕНАРИ ОД ДРЖАВАТА ЗА ЗЕМЈОДЕЛЦИТЕ АКО ДОМАТИТЕ ГИ ПРЕДАДАТ ВО КОНЗЕРВНИТЕ ФАБРИКИ

    ПЛУС ЧЕТИРИ ДЕНАРИ ОД ДРЖАВАТА ЗА ЗЕМЈОДЕЛЦИТЕ АКО ДОМАТИТЕ ГИ ПРЕДАДАТ ВО КОНЗЕРВНИТЕ ФАБРИКИДеновиве во струмичкиот регион целосно закочи откупот и пласманот на доматите кои почнаа да скапуваат по нивите и дворовите на производителите. (Фото: СДК.МК)

    За нормализирање на состојбите со огромното производство домати во земјава, Владата на предлог на Министерството за земјоделство ќе донесе одлука за интервентна субвенција од 4 денари за секој предаден килограм во домашните регистрирани преработувачки капацитети. Како што информираа од министерството, конзервните фабрики покажале интерес да го прифатат вишокот домати а интервентната субвенција ќе важи за секој земјоделец кој своето производство ќе го предаде до 15 јули.

    „Со постоечката субвенција за предаден зеленчук од 3 денари, производителите на домати ќе добијат вкупно 7 денари субвенција за предадени домати во регистрирани преработувачки капацитети. Одлуката се очекува да биде донесена оваа недела на седница на Влада“, информираа од Министерството за земјоделство од каде велат дека паралелно работат на изнаоѓање нови пазари, а со допис ги алармирале сите наши конзули и амбасадори да помогнат.

    Деновиве во струмичкиот регион целосно закочи откупот и пласманот на доматите кои почнаа да скапуваат по нивите и дворовите на производителите. Трговците објаснија дека речиси сите пазари од опкружувањето кои досега увезуваа од Македонија се пренатрупани со домати и нема услови за извоз.

    Во струмичко има повеќе илјади хектари со домати под пластеници и оранжерии кои почнаа интензивно да зреат овој период и предизвикаа огромна понуда на домашниот пазар наспроти слабата побарувачка од странските, за што земјоделците реагираа и бараа помош од државата.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира