Територијалната противпожарна единица од Штип, заедно со Територијалното доброволно противпожарно друштво и месното население успеаја во текот на ноќта да го локализираат големиот пожар, кој вчера попладне се појави на ридовите кај викенд месноста Плуждино над градските гробишта кај Штип и кој во текот на ноќта почна да се шири и кон населбите Кадидере, Ридарска Чешма во штипско Ново Село и црквата „Свети Спас“. Според првичните информации, пожарот бил предизвикан вчера попладне кога во опожарените месности имало грмотевици и силно електрично празнење.
Според Територијалната противпожарна единица во Штип, било интервенирано со неколку противпожарни камиони и со четири специјални теренски возила за гасење пожари затоа што беше опожарен непростапен предел каде гореше трева, грмушки, но во близина има и пошумени појаси насадени со борова шума, лозови и овошни насади.
Во текот на ноќта било контактирано на припомош да пристигнат и територијални единици од Кавадарци, Свети Николе и Кочани. На опожарениот појас во должина од неколку стотина метри беше и градоначалникот на Штип, Иван Јорданов кој изјави дека во текот на ноќта мобилните проитвпожарни единици полека, но сигурно го гасат пожарот и дка нема место за паника затоа што во текот на ноќта пожарот ќе биде локализиран што и се оствари благодарние и на мобилноста и брзата интервенција на сите кои учествувале во гасењето.
Истовремено, мобилниот штаб на Општина Штип бил во постојан контакт и со Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) и Центарот за управување со кризи (ЦУК) . Цела вечер опожарените места биле под контрола, а во текот на денот ќе се утврдува дали имало некакви штети и од што настанал пожарот.
Т. ЈОВАНОВСКИ



