ПО 14 ГОДИНИ СОПРЕН ТРЕНДОТ НА НАМАЛУВАЊЕ НА БРОЈОТ НА НОВОРОДЕНЧИЊА ВО ВЕЛЕС

    ПО 14 ГОДИНИ СОПРЕН ТРЕНДОТ НА НАМАЛУВАЊЕ НА БРОЈОТ НА НОВОРОДЕНЧИЊА ВО ВЕЛЕСРодени се 328 бебиња, што е безмалку ист број како и годината претходнo (Фото: СДК.МК)

    Откако 14 години, од 2010 до 2023, Велес беше неславен лидер во земјава со опаѓање на бројот на бебиња родени во општината од 43,5 отсто, лани тој процес беше запрен. Родени се 328 бебиња, што е безмалку ист број како и во годината претходно – 329.

    „Во Велес се регистрирани 328 родени бебиња, од нив 61 во велешките села. Интересен е фактот што лани имаше еднаков број родени машки и женски бебиња. Ланскиот број новороденчиња е речиси ист како во 2023, поточно едно бебе помалку. Ова нѐ радува бидејќи е сопрен трендот на опаѓање на бројот на новороденчиња во Велешко“, кажа д-р Марина Тодоровска од Службата за превентивна здравствена заштита за предучилишните деца во ЈЗУ Здравствен дом.

    Сите овие бебиња се водат по место на живеење на родителите, додека во Општа болница Велес се евидентираат по место на раѓање и таму лани имаше 280 новороденчиња, меѓу нив и бебиња чии родители се од Неготино, Свети Николе и Лозово.

    Лани имаше ист број новороденчиња по пол, 164 машки и исто толку девојчиња, со тоа што во градот доминираат машките – 138, а 129 се девојчиња, додека во селата имаше 35 девојчиња и 26 машки. Меѓу новородените лани имаше и една тројка, родена во Скопје, едно машко и две девојчиња, како и три пара близнаци. Три бебиња се родени во странство, во Италија две и едно во Словачка, а нивните родители се вратиле да живеат во Велес.

    Во Управата за водење на матична евиденција Велес лани запишале 412 новороденчиња, при што најмалку 209 се бебиња родени во странство, за кои родителите, кои се со место на живеење Велес, побарале да бидат запишани како негови жители.

    Во Општина Градско бројот на новороденчиња во 2024 е 18, а пред тоа биле 17. Во Општина Чашка лани се родени 95 бебиња, пет помалку од 2023.

    Службата за превентивна здравствена заштита за предучилишните деца забележала зголемување на опфатот со вакцинација на децата до шестгодишна возраст во Велешко. Тука спаѓаат и општините Чашка и Градско.

    „Имаме значајно зголемен опфат со вакцинацијата, тоа се должи на зголемената вакцинација против голема кашлица, првата вакцина е 90 отсто, а ревакцинацијата е 95 отсто и одамна не сме имале такви бројки. За жал, состојбата со МРП е непроменета, процентот е ист. Не сме ниту полошо од претходните години, ниту сме подобро. Тој отпор кај родителите уште постои“, дополни д-р Тодорoвска.

    По наполнувањето на првата година на детето, опаѓа вакцинацијата за сите вакцини. Некои родители не дозволуваат нивното дете на таа возраст да прими МРП вакцина, па доцнат и другите вакцини.

    П. ПЕЧКОВ

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира