Заврши реконструкцијата на затворениот базен во Струга. Објектот кој скоро 20 години беше руина со купишта смет и надвор од употреба доби модерен изглед, а според најавите, ќе биде отворен летово.
Агенцијата за млади и спорт (АМС) пред две години ја презеде иницијативата да се обнови базенот откако фирмата која претходно го добила тендерот поради финансиски проблеми и ковид пандемијата не можела да ги исполни обврските, па договорот бил раскинат на штета на самата фирма и била активирана банкарската гаранција.
Во исто време, градежните работи на пливачкиот спортски објект во Охрид сѐ уште стагнираат. Изградбата почна уште во 2015 година, но засега единствено е направена металната конструкција. Последните најави од првиот човек на АМС, Наумче Мојсоски, беа дека тој ќе биде завршен до април оваа година.
„Тој е 70% готов. Треба да се донесе коритото и да се монтира. Просторите се одвоени, трибините, челичната и бетонската конструкција се готови, струјата е поставена, остануваат само финеси и уште многу малку работи во внатрешниот дел“, кажа тогаш Мојсоски.
Спортските работници велат дека најмногу трпи пливањето оти најмладите немаат услови да тренираат спорт кој некогаш беше препознатлив во градот. Пливањето бара континуитет во тренажниот процес, велат тие.
„Само со работата во летните месеци не можеме да гарантираме резултат, ниту да им кажуваме на децата дека се пливачи. Верувам дека со една соодветна спортска инфраструктура, која не треба да биде привилегија туку право на секое дете, би дошле до задржување на интересот за пливањето во текот на целата година“, вели тренерот Миле Јовановски.
Изведувач на затворениот базен во Охрид е фирмата „Бауер БГ“ од Скопје, а првичниот договор предвидуваше да биде завршен најдоцна до април 2018 година.
С. ВРЕНЦОВСКА