Аероклубот Штип по 24 години го одржа првиот едриличарски натпревар, овојпат во чест на големиот јубилеј 100 години од постоењето. Иако учествуваа триесетина едриличари од Македонија, Србија и Бугарија, средбата имаше повеќе ревијален карактер за да се упатат пораки до ресорните министерства и државата за поголемо внимание и финансиска поддршка на аероклубовите кои, како што велат, опстојуваат благодарение на ентузијазмот на мал број луѓе кои како инструктори волонтерски ги обучуваат за пилоти и едриличари младите.
„Пред 2000 година aероклубот како воздухопловна школа и школа за пилоти, едриличари, падобранци и ракетни моделари, работевме во состав на Министерството за образование. Бевме вработени 12 инструктори и школите вриеја од млади луѓе кои беа заинтересирани да се обучуваат. Досега сме обучиле над 1.000 млади, но мора статусот на aероклубовите системски да се менува и држaвата повеќе да посвети внимание на тоа“, вели претседателот и инструктор за моторен пилот Митко Петешев.
Во рамките на едновековниот јубилеј, на спортскиот аеродром Сушево кај населбата Три Чешми се одржа свеченост на која беа доделени признанија на сите досегашни раководители и претседатели на клубот кои дале придонес за развојот и неговото успешно постоење.
Плакета за заслуги добија Мирчо Стаменков, еден од повоените основачи на клубот, повеќе поединци, како што се поранешните претседатели Симеон Јовановски, Тодор Шумански, Ристо Ралев и почесниот претседател на клубот Тодор Кралев кој во 2009 по повод 85-годишниот јубилеј ја напиша третата книга за аероклубот „Сините момчиња од Штип“.
Во книгата тој пишува дека има цела плејада на македонски пилоти кои во тоа време биле врвни пилоти. Се смета дека во Македонија прв авиомеханичар и прв пилот бил Ристо Бојаџиски уште од 1920, кој бил на обука во Белград. Според книгата на Кралев, први воени пилоти од Македонија биле штипјаните Киро Хаџи-Арсов, Тодор Михајлов, а по нив во пилоти израснуваат и Димитар Трпков, Киро Златков, Јордан Ангелов.
Како пилоти се споменуваат и Ристо Шијаков, Будо Ѓурков, Вито Кукушев, Трајко Ѓоргиев и неколку други. Денешните десетина активни пилоти својата пилотска работа ја продолжија во разни авиокомпании во странство.
Како што велат од аероклубот, плејадата од стотина пилоти на авиони и едрилици и падобранци датира од повоено време, кога во 1980-тите години аероклубот од Штип ги доживува звездените мигови. Клупскиот времеплов говори дека биле одржани речиси 200 натпревари од домашен и меѓународен ранг во сите воздупловни дисциплини, на кои редовно учествувале повеќе од 100 млади пилоти од земјата и од странство.
Македонските натпреварувачи досега добиле над 500 пехари и медали во екипна и во поединечна конкуренција, најмногу во дисциплината прецизно слетување.
Во рамките на манифестацијата 100 години Аероклуб Штип, во Домот на кулурата се отвори и изложба на стари фотографии за седен век од постоењето на клубот.
Т. ЈОВАНОВСКИ