Четворица мажи од 20 до 40 години од Неготинско се осомничени дека силувале 13-годишно девојче, лани на 14 февруари. Осомничени се за кривичното дело Силување на дете кое не наполнило 15 години, казниво според член 188 став 3 од Кривичниот законик, а Основното јавно обвинителство во Кавадарци донеле наредба за спроведување истражна постапка. Предвидената казна за ова дело е најмалку 10 години или доживотен затвор.
„Осомничените на 14.02.2025 година се договориле и со возило зеле 13-годишно девојче-жртва од Неготино со кое еден од осомничените претходно се познавало. Детето го однеле локација надвор од неготинското село Криволак и сите имале сексуални односи со жртвата, удирајќи ја и навредувајќи ја, по што ја вратиле во Неготино“, соопшти Обвинителството.
Во текот на претходната постапка осомничените биле обезбедени со мерки на претпазливост, а со поведувањето на истрагата јавниот обвинител побарал од судот мерките да се заменат со ефективен притвор. Судија на претходна постапка при Основен суд Кавадарци го прифатил и им одредил по 30 дена притвор на сите четворица осомничени.
„На 28 јануари годинава полициски службеници од ОВР Неготино, по наредба од Основното јавно обвинителство Кавадарци, лишија од слобода 40-годишник, 26-годишник, 22-годишник и 20-годишник од неготинско село, во врска со кривично дело Силување на дете кое не наполнило 15 години казниво по член 188 од Кривичниот законик. Тие се сомничат дека извршиле обљуба врз 13-годишна малолетничка“, соопшти портпаролката на СВР Велес Ана Милевска-Ѓорѓиевска.
П. ПЕЧКОВ



