Изградбата на кејот на реката Вардар, од нејзината десна страна ќе продолжи штом ќе се стабилизира нивото на реката, најави градоначалникот на Општина Велес, Марко Колев. Просторот каде треба да се гради кејот беше ограден на 1 ноември лани, започна да се чисти коритото на реката, па Министерството за животна средина ја стопираше работата, поради немање на целосна документација.
„Имавме застој во работите, од денешна гледна точка, од неразбирливи причини. Сите дозволи и документи со кои располагавме беа потврдени. Сега проблем е пролетниот водостој на реката Вардар, дождовите кои ги има и го менуваат нивото на реката. Штом се намали нивото, ќе започнат градежните работи. Тие ќе завршат до крајот на годинава. Документацијата со која располага Општина Велес, со која аплицирала и со која е одобрен проектот, била целосна и во ред, но бевме сопрени четири месеци“, кажа градоначалникот Колев.
Изведувач на работите, избран по пат на јавен повик е градежната фирма „Делта пром“ од Велес.
Кејот кој треба да се гради е во должина од 200 метри од мостот Гемиџии, па до Мало мовче, или во целост по истата должина како што е веќе изградениот на левата страна.
Изградбата на кејот на реката Вардар во Велес е дел од проектот „Креативни можности во туризмот“ финансиран од средства на Европската Унија, за прекугранична соработка меѓу Грција и Македонија. Тој ги опфаќа градовите Велес и Лерин во Грција и со него треба да се развива локалната економија.
„Целта на проектот е промовирање на туризмот со тоа зголемување на вработеноста. Македонија нема можности за масовен туризам, море и големи скијачки центри и затоа е добро да се користат алтернативните форми. Затоа основна цел е да се искористи потенцијалот на речните текови и во Велес и во Лерин“, изјави Денис Жерновски, координатор на проектот.
Вкупниот буџет за проектот е 650 илјади евра, од нив за Велес се наменети 430 илјади, а за Лерин 220 илјади евра. Како дел од проектот, на кејот, ќе се отворат два киосци со занаетчиски производи и сувенири, дел од традиционалните велешки занаети.
П. ПЕЧКОВ