Во јануари наредната година, во Основниот суд Куманово ќе започне судската постапка против Љубомир Митев (78) од кратовското село Којково, кој во самоодбрана во својата куќа застрела двајца разбојници, од кои едниот го усмрти, а другиот го рани, бидејќи го малтретирале и сакале да го ограбат.
Во април 2015 година, по барање на адвокатите на Дедо Љубе, поради одредени пропусти, обвинението беше укинато и предметот се врати во истражна постапка. Дедо Љубе беше обвинет за три кривични дела: убиство во миг, убиство во обид и недозволено поседување на оружје, затоа што го убил Зоран Златков (28) и го ранил Борчо Иванов (30), откако неколку часа го измачувале и се заканиле дека ќе ги убијат него и неговата неподвижна сопруга ако не им ги даде парите.
„Завршена е истрагата и сега почнуваме од почеток. Подготвени сме за претстојните правни битки и очекуваме правна победа за Дедо Љубе“, изјави неговиот адвокат Христијан Георгиевски од Куманово.
Разбојништвото се случи на 27 февруари 2013 година во трошната куќа на двајцата старци во планинското село Којково, кога двајцата натрапници насилно влегле во нивниот дом и почнале да се изживуваат. На дедо Љубе му ставиле најлон во уста го турнале на земја и го тепале, а потоа го врзале со јаже за столче, додека бабата ја покриле со ќебе и ја малтретирале. Потоа отишле во другата соба да ги бараат парите, тој го искористил нивното невнимание и се одврзал. Заминал во подрумот и ја земал ловечката пушка од која пукал.
Пред почетокот на судењето јавноста бараше ослободување на Дедо Љубе, бидејќи сметаше дека старецот бил нападнат во својот дом и во самоодбрана ги извршиле делата за што се товари.
Разбојникот Иванов кој преживеа е осуден на 8 години затвор.
С. НИКОЛИЌ