Од утре, рудниците Бучим и Боров Дол по 55 дена пауза ќе го продолжат производствениот процес што го прекинаа на 1 септември заради модернизација и монтирање нова современа опрема за обработка на бакарна руда и бакарен концентрат, како и за реализирање на проект за обновливи извори на енергија.
Портпаролот на компанијата Кристина Крстева вели дека речиси по двомесечна пауза рудниците се враќаат во редовна работа. Крстева вели од вторник со редовна работа започнуваат 674 вработени, од кои 300 се во Боров Дол, а 374 во Бучим. Тие веќе се отповикани од принудниот одмор и за време на модернизацијата на производствениот процес ги добивале сите законски принадлежности по основ на плата, а истовремено поголем дел од нив биле наизменично работно ангажирани.
Менаџментот на Бучим и Боров Дол смета дека компанијата паралелно продолжува со инвестиционо вложување во обновливи извори на енергија, како и модернизација на погонот за флотација, проекти кои што се во тек и треба да завршат до октомври 2023.
„Во изминатите десетина дена, видовме промена на цената на електричната енергија што ни овозможи да ги продолжиме производствените активности со надеж дека тенденцијата ќе продолжи и цената на регионалната берза за електрична енергија ќе се стабилизира. Напоредно, продолжуваме и со реализацијата на веќе започнатите капитални инвестициски проекти и сме оптимисти во врска со динамиката со која се одвиваат работите“, вели Олег Чусовитин, генерален директор на Бучим.
Т. ЈОВАНОВСКИ