Новиот мост на реката Брегалница што почна да се гради минатата година е пуштен во сообраќај.
Мостот се наоѓа во близина на касарната „ Јане Сандански“ во Штип и индустриската зона. Бројните стопански капацитети сега ќе бидат во поблиска комуникација со новите населби Баби, Сењак и Дузлак во кои живеат најголем дел од вработените во индустриските зони во Штип. Со новиот мост се скратува патувањето и на патниците кои влегуваат во Штип од правец на Скопје кои досега мораа да ги користат веќе постојните мостови кај Градскиот стадион и Стариот камен мост што ја поврзуваше населбата 8 Номеври и центарот на градот. Се очекува растоварување на сообраќајот особено за време шпицовите, наутро и попладне по завршувањето на работното време.
Проектот за новиот мост го започна претходната локална власт која ги асфалтираше пристапните патишта. Новата локална власт ја продолжи реализацијата на оваа инвестиција која изнесува 58 милиони денари. Изведувач на работите беше штипската компанија Актива.
„Мостот е со тежина од 240 тони. Должината е 60 метри, ширината е 10 метри. Има две коловозни ленти и тротоар за пешаците. Истовремено е инсталирано осветлување на мостот и на целата обиколница која ќе значи гоемо растоварување на сообраќајот на самиот влез во Штип“, вели градоначалникот на Штип Благој Бочварски.
За пуштањето на новиот мост не беше организрана никаква свеченост.
Мостот е со челичен носечки лак и е единствен од ваков вид во Македонија. Новиот мост е четврти на реката Брегалница во атарот на Штип. Последниот мост е изграден пред 60 години во близина на градскиот стадион. Мостот во штипско Ново село е изграден во минатиот век, а најстариот мост кај населбата „8 Ноември“ е од 1672 година и е познат како Емир Ќучук Султанов мост кој со неколкуте реновирања уште е во употреба и е еден од најфрекфентните мостови во Штип.
Т. ЈОВАНОВСКИ