По 63 години, детаљно почна да се реконструира првата училишна спортска сала во Битола, која е во рамките на основното училиште „Трифун Пановски“, во кое учат 300 ученици. Општина Битола обезбеди 906.000 денари за реконструкцијата.
„Познато ни е дека салата е изградена во 1956 година. Генерации поминаа низ неа. Дочекуваше и испраќаше ученици без некоја голема инвестиција во модернизација и опрема од изградбата до денес. Нашите татковци, ние, а сега и нашите деца спортуваат во исти услови, во истата просторија. Тогаш барем беше понова“, вели Сашо Марковски, родител.
Некои, пак, паметат дека во 1995 година салата била бојадисана и бил заменет дел од паркетот, но не било инвестирано во набавка на нови реквизити.
Од Општина Битола велат дека со градежните активности ќе се изврши комплетна промена на таванот, ќе биде поставен нов паркет, ќе се реконструираат ѕидовите, ќе бидат направени нови соблекувални, а комплетно ќе биде променета и состојбата во ходниците, каде што ќе бидат поставени плочки.
За оваа учебна година, кабинет со нова опрема и најсовремени софтверски програми доби СОУ „Таки Даскало“, а Економското училиште доби смарт табли и кабинет опремен со компјутери и програми соодветни за струките.
„Досега се вложени 2,3 милиони денари во образовни институции за оваа учебна година, а во моментов течат тендери за уште пет инфраструктурни зафати во школите“, рече неодамна градоначалничката Наташа Петровска.
Новата заменик министерка за образование Елизабета Наумовска, која е од Битола, вети дека ќе се погрижи битолските училишта да бидат топ како скопските.
„Гледајќи ја состојбата со училиштата во различни општини, Битола беше запоставувана од претходната власт во однос на капитални инвестиции. Ќе се трудам како што училиштата во Скопје се топ опремени, дел од тие капитални инвестиции да бидат наменети и за училиштата во Битола“, рече Наумовска.
Потреба од подобрување на условите за настава има и во Средното медицинско училиште, кое е под државна капа.
Ж. ЗДРАВКОВСКА