Волнарскиот комбинат АД „Тодор Циповски-Мерџан“, односно „Тетекс“, по речиси 69 години престанува со работа. Денеска се затвори и погонот Конфекција, кој беше последен што работеше. Пред пред една година престана да работи погонот Трикотажа, а минатиот месец и Ткајачница. Единствено работи Предилницата за производство на волница, но таа е дадена на странска фирма.
По седумдецениското работење на овој некогашен текстилен гигант, затворањето било неминовно, велат од „Тетекс“.
„Конфекцијата е последниот производствен погон кој работеше во составот на АД ‘Тетекс‘. Во овој дел не можеме рентабилно да работиме. Иако во изминативе три-четири години во Конфекцијата работиме само за извоз, работите не одеа добро. Странските фирми воопшто не ги интересираа нашите проблеми. Тие ни даваат нивни цени и ни велат ако сакаме да работиме по овие цени, во ред, ако не, ќе бараат други фирми со кои ќе работат. Во поранешна Југославија, па речиси и во сите европски земји, веќе не работи ниедна текстилна фабрика чие примарно производство било од волна и текстил, како што беше во ‘Тетекс‘, значи производство од предиво, ткаенини, па до готови конфекциски производи. Нас текстилците едноставно нѐ поклопи Далечниот Исток со многу ниски цени на текстилот и не можевме да го издржиме тоа“, изјави генералниот директор на АД „Тетекс“ Глигорие Гоговски.
Од синдикалната организација на АД „Тетекс“ велат дека и покрај тоа што комбинатот се затвора, запазени се работничките права согласно колективниот договор.
„Оние работници кои имаат над 25 години стаж добиваат отпремнина од седум лични доходи, а другите соодветно на работниот стаж. Работниците кои се пред пензија ќе бидат 18 месеци под Заводот за вработување, а другите ќе бидат до една година, така што ниеден работник нема да остане необесштетен“, вели Љупчо Радовски, претседател на синдикалната организација.
Од синдикатот на „Тетекс“ исто така посочуваат дека е направена програма за преструктурирање, со што при евентуалното одново стартување на производството, предимство во вработувањето ќе имаат овие работници кои сега се отпуштени. Во фабриката остануваат само вработени во магацинскиот и енергетскиот дел и во обезбедувањето. Еден дел од погоните, магацините и други простории кои се во сопственост на „Тетекс“ се дадени под закуп на други фирми.
Волнарскиот комбинат „Тодор Циповски-Мерџан“ започна со производството на 25 мај 1951. Во годините и децениите што следеа, „Тетекс“ израсна во вистиски текстилен гигант на југословенските простори. Во 1991 година започна неговата трансформација од општествено претпријатие во акционерско друштво. Во 1987-1988 година, комбинатот имаше 8.800 вработени во неколку производствени погони и во голема трговска мрежа. Во последниве две децени, од година во година, поради потешкотии во работењето постојано се намалуваше бројот на вработените и еден по еден се затвораа производствените погони.
З. АНДОНОВ