ПО 70 ГОДИНИ СЕ РЕКОНСТРУИРА НАЈДОЛГИОТ И НАЈВИСОК МОСТ НА БРЕГАЛНИЦА ВО ШТИП, СЕ НАЈАВУВА ИЗГРАДБА НА УШТЕ ДВА МОСТА

    ПО 70 ГОДИНИ СЕ РЕКОНСТРУИРА НАЈДОЛГИОТ И НАЈВИСОК МОСТ НА БРЕГАЛНИЦА ВО ШТИП, СЕ НАЈАВУВА ИЗГРАДБА НА УШТЕ ДВА МОСТАМостот и натаму е во функција, само што до крајот на летото сообраќајот ќе се одвива наизменично на една лента (Фото: СДК.МК)

    Почна да се реконструира најдолгиот и највисок мост на Брегалница, кој е изграден пред 70 години. Инвеститор е Јавното претпријатие за државни патишта, кое издвои 30 милиони денари или околу 480.000 евра. Изведувач на работите е фирмата „Синтек“ од Скопје. Според договорот, работите ќе траат во наредните 10 месеци.

    И покрај реконструкцијата, мостот и натаму е во функција, само што до крајот на летото сообраќајот ќе се одвива наизменично на една лента со помош на семафори.

    Мостот е долг речиси 100 метри, а најголемата висина е околу 20 метри. За време на неговата изградба се урна дрвено скеле, при што загинаа двајца мајстори.

    Овој мост претставува главна влезна сообраќајна артерија во Штип. Според одредени мерења, по овој мост дневно поминуваат неколку илјади возила или месечната фреквенција е околу 100.000 моторни возила, од кои речиси половина се тешки камиони.

    Од пред десетина години, по изградбата на новиот железен мост на одалаченост од неполн километар, кој го поврзува индустрискиот дел на градот со новите населби Баби и Дузлак, значително се намали оптовареноста на главниот мост.

    Сега Штип располага со пет моста на Брегалница. Два се во населбата Ново Село, а кај најголемата станбена населба 8 Ноември се наоѓа најстариот мост, Емир Ќучук Султанов мост, кој датира од 1672 година.

    Општинските власти најавија дека ова лето ќе започне изградба на нов мост на Брегалница, во близина на бањата Ќежовица кон Радовиш, а во 2027 ќе почне да се гради мост на другиот крај на градот, кон Кочани, кој ќе ги поврзува населбите Балканска и Македонка со населбите Баби и Стар Караорман.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира