После четири одложени рочишта и сега со нов судија, конечно започна главната расправа во повтореното судење за пожарот во модуларната ковид- болница во Тетово со 14 жртви во 2021. На повтореното судење им се суди на тогашниот директор на Клиничката болница во Тетово Флорин Бесими и економскиот директор Артан Етеми, кои беа обвинети за кривичното дело Тешки дела против општата сигурност, и на правното лице ЈЗУ Клиничка болница во Тетово, за делото Предизвикување општа опасност.
Пред новоназначениот судија Реџеп Муса, двајцата директори и застапникот на правното лице изјавија дека не чувствуваат одговорност за кривичните дела за кои беа осудени. По нивното изјаснување судијата Муса даде половина час пауза, по што судењето продолжи, а по неколку часови работа е прекинато и е закажано за 3 април.
На 8 септември 2021 во вечерните часови, во страотен пожар кој изби во модуларната ковид-болница, сместена во кругот на Тетовската болница, загинаа 14 пациенти и нивни роднини, а неколку беа тешко повредени. Во септемви 2022 започна судењето и траеше до 5 јуни 2023, кога Основен суд Тетово на обвинетите Флорин Бесими и Артан Етеми им изрече казна затвор од по една година и шест месеци, односно условна осуда дека утврдената казна затвор нема да се изврши доколку обвинетите секој за себе во време од по три години не сторат ново кривично дело. Правното лице требаше да плати парична казна во висина од еден милион денари (околу 16.000 евра), додека на четвртообвинетиот д-р Бобан Вучевски му беше изречена ослободителна пресуда за делото Непостапување по здравствени прописи.
На жалба на обвинетите, но и на Обвинителството, Апелацискиот суд во Гостивар во април 2024 донесе решение повторно да има судење за двајцата поранешни директори и Клиничка болница како правен субјект, а беше потврдена ослободителната пресуда за д-р Вучевски. Процесот требаше да почне на 26 јуни 2024, но досега се одложуваше четири пати.
З. АНДОНОВ