ПО ЧЕТВРТИ ПАТ ОДЛОЖЕНО ПОВТОРЕНОТО СУДЕЊЕ ЗА ПОЖАРОТ ВО МОДУЛАРНАТА БОЛНИЦА ВО ТЕТОВО

    ПО ЧЕТВРТИ ПАТ ОДЛОЖЕНО ПОВТОРЕНОТО СУДЕЊЕ ЗА ПОЖАРОТ ВО МОДУЛАРНАТА БОЛНИЦА ВО ТЕТОВОПочетокот на судењето сега е закажано за 18 март (Фото: СДК.МК)

    Во Основниот суд во Тетово по четврти пат е одложено судењето за пожарот во тетовската модуларна ковид болница. Рочиштето денеска е одложено поради отсуство на судијата Јордан Велковски, кој е на боледување. Од иста причина беше одложено и претходното рочиште, кое беше во ноември 2024. Судијката која го менуваше го закажа почетокот на судењето за 18 март во 10 часот.

    До повторено судење за пожарот во ковид болницата доаѓа откако Апелациониот суд во Гостивар донесе такво решение во април 2024 по доставените жалби од Обвинителството и од обвинетите Флорин Бесими, тогашен директор на Клиничката болница во Тетово и Артан Етеми, тогашен финансиски директор на болницата, како и од страна на Клиничката болница во Тетово како правно лице. На таа седница, Апелациониот суд ја одби жалбата на Обвинителството за докторот Бобан Вучевски и ја потврди првостепената ослободителна пресуда изречена од судот во Тетово.

    Во екот на пандемијата на коронавирусот, на 8 септември 2021, во модуларната ковид болница во Тетово изби пожар кој за многу кратко време ја зафати целата барака. Во огнената стихија животот го изгубија 14 лица, од кои 12 пациенти и двајца роднини на болните кои во тој момент биле внатре.

    Судењето за овој настан започна една година подоцна, но не се однесуваше на одговорноста за избувнувањето на пожарот. Тогаш на обвинителната клупа се најдоа директорите Флорин Бесими и Артан Етеми, кои се товареа за кривичното дело тешки дела против општата сигурност, правното лице ЈЗУ Клиничка болница, која беше обвинета за предизвикување општа опасност и докторот Бобан Вучевски, кој заедно со болницата беше обвинет за непостапување по здравствени прописи.

    На 5 јуни 2023, Основниот суд Тетово на Бесими и Етеми им одреди казна затвор од по една и пол година, односно им изрече условна казна затвор од по три години, Клиничката болница како правно лице требаше да плати парична казна од милион денари, а Вучевски беше ослободен од обвинението. По одлуката на Апелациониот суд во Гостивар, во јуни 2024 повторно започна судењето за двајцата директори и за Клиничката болница, кое го води истиот судија, Јордан Велковски и кое по четврти пат се одлага.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира