ПО ДОЛГИ ГОДИНИ ОДБЛОКИРАНА СМЕТКАТА НА ОПШТИНА ОХРИД, ВРАТЕН Е ДОЛГОТ ОД 14 МИЛИОНИ ЕВРА

    ПО ДОЛГИ ГОДИНИ ОДБЛОКИРАНА СМЕТКАТА НА ОПШТИНА ОХРИД, ВРАТЕН Е ДОЛГОТ ОД 14 МИЛИОНИ ЕВРАПецаков најави дека во наредниот период ќе се работи на раздолжување на општинските јавни претпријатија (Фото: СДК.МК)

    Општина Охрид за првпат по долги години нема долг по основ на судски извршни решенија и од денеска се вбројува помеѓу малкуте институции во државата кои немаат заостанат долг. Зголемувањето на приходите од повеќе ставки и домаќинското работење придонесоа за враќање на вкупниот долг на локалната самоуправа од околу 14 милиони евра. Ова денеска на прес-конференција го кажа градоначалникот Кирил Пецаков.

    „При преземањето на Општината ја затекнавме со долг од околу 14 милиони евра. Оваа бројка не го вклучува долгот што го имаат општинските јавни претпријатија. Веднаш пристапивме кон финансиска консолидација и изготвување план за раздолжување. Останавме доследни на планот и денес ги гледаме резултатите од тоа“, рече Пецаков.

    За да се официјализира одблокирањето на Општина Охрид се чекала одлуката на Владата, со која долгот на некогашното меѓуопштинско претпријатие МЈП „Проаква“ се брише и станува основачки влог на државата во ДЈП „Колектор“.

    Пецаков ги поздрави напорите на локалните раководства во изминатите десетина години за раздолжување на општината и осумте милиони евра кои Владата ѝ ги додели на Општината за раздолжување на градот, чиј долг во еден период изнесуваше околу 33 милиони евра.

    „Актуелното раководство на Општина Охрид во изминатите нешто повеќе од две години има самостојно вратено 30 проценти од вкупниот долг, притоа не заостанувајќи во реализацијата на инфраструктурните проекти, инвестициите во повеќе сфери и во директната поддршка на граѓаните и здруженијата“, потенцираше Пецаков.

    Тој најави дека во наредниот период ќе се работи на раздолжување на општинските јавни претпријатија.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира