ПО НЕКОЛКУЧАСОВЕН ЗАСТОЈ, „АЛТА БАНКА“ ПОЧНА СО ИСПЛАТА НА ИЗНОСИ ДО 20.000 ДЕНАРИ ВО СТРУМИЦА

    ПО НЕКОЛКУЧАСОВЕН ЗАСТОЈ, „АЛТА БАНКА“ ПОЧНА СО ИСПЛАТА НА ИЗНОСИ ДО 20.000 ДЕНАРИ ВО СТРУМИЦАПред експозитурата на „Алта банка“ во Струмица имаше метеж уште од 7 часот. (Фото: СДК.МК)

    По неколкучасовен застој, попладнево почна исплатата на парични износи до 20.000 денари на шалтерите на „Алта банка“ во Струмица. Таму во текот на целиот ден граѓаните нестрпливо чекаа за да ги подигнат своите пензии, социјалната помош, негата или платата.

    „Од сабајле чекаме. Нема ред, сите се туркаат за да влезат и да подигнат пари. Кажаа дека има пари, а, како што гледаме, три шалтери работат“, рекоа граѓаните кои се клиенти на „Алта банка“ и чекаа исплата на шалтер.

    Пред експозитурата на „Алта банка“ во Струмица имаше метеж уште од 7 часот. Граѓаните нестрпливо чекаа, по што им било кажано дека експозитурата нема готовина и дека се чекаат средства од Народната банка.

    „Се чекале пари да донесат од Скопје со комбе. Нема кој да ти објасни, а кажаа дека од денеска пари може да се подигнат и во Струмица“, објасни една госпоѓа која ја чекаше својата пензија.

    Гувернерот на НБРМ, Трајко Славевски, завчера најави дека од денеска со работа ќе започнат и шалтерите на „Алта банка“ во Струмица и Тетово, каде што граѓаните кои имаат сметки, но немаат платежни картички, ќе можат да подигнат до 20.000 денари.

    Покрај отворањето на шалтерите, се зголемува и неделниот лимит за користење на платежните картички. Наместо досегашните 10.000 денари, клиентите ќе можат да подигнуваат готовина од банкомати и да плаќаат во продавници до 15.000 денари неделно.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира