По осум дена, конечно е изгасен пожарот на депонијата во тетовското село Добарце. Осум денa тетовските пожарникари се обидуваа да го изгаснат пожарот на депонијата, секојдневно интервенираа со по неколку цистерни со вода, но залудно. На депонијата немаше отворен оган, но таа тлееше и испушташе многу чад и неподнослива смрдеа кој го задушуваше целиот Тетовски Регион.
„Ние од првиот ден кога изби пожарот сме тука и го гаснеме пожарот, но знаеме дека пожар на депонија не се гаси со вода. Благодарение на една фирма од Битола која за гаснење на пожарот употреби една специјална хемикалија, конечно можеме да кажеме дека депонијата повеќе не гори“, изјави Авни Амети, командир на Противпожарната единица од Тетово.
Дека пожарот, односно чадењето на депонијата конечно е запрено соопти и Општина Желино во чиј атар е оваа депонија.
„Оваа депонија постои тука од 2007 година, но ние од пред две години прекинавме да фрламе отпад на оваа депонија. Претходниот концесионер е тој што сметот го депонирал на оваа депонија. Проблемот е што се дозволило овде да има депонија. Сега, со новиот концесионер со кого работиме веќе две години, имаме договор сметот да се носи на депонијата во Русино. Сега кога пожарот е изгаснат и овој смет што е тука најверојатно ќе се однесе во Русино“, изјави Јасин Шаќири, шеф на кабинет на градоначалникот на Општина Желино.
Според информациите од Противпожарната единица од Тетово, во Тетовскиот Регион од вчера горат уште две други депонии.
З. АНДОНОВ