ПО ПАУЗА ОД ДВЕ ГОДИНИ КАРНЕВАЛСКИТЕ МАСКИ СЕ ВРАТИЈА НА УЛИЦИТЕ ВО СТРУМИЦА

    ПО ПАУЗА ОД ДВЕ ГОДИНИ КАРНЕВАЛСКИТЕ МАСКИ СЕ ВРАТИЈА НА УЛИЦИТЕ ВО СТРУМИЦАНа карневалот имаше околу 1.000 учесници. (Фото: СДК.МК)

    По пауза од две години, струмичани повторно понудија одлични карневалски креации со шаренило од бои и пораки за љубов, радост, насмевки и подобра животна средина. Околу 1.000 маскирани лица од земјава и од Србија и Грција прошетаа по струмичките улици на големото карневалско дефиле, презентирајки ги маските преку музичкo-сценски настапи и покрај слабиот дожд и студеното време.

    Победниците ќе бидат објавени во вторник. (Фото: СДК.МК)

    „Мислам дека со право сте еден од најдобрите карневали во Европа. Одлични креации со силни впечатливи настапи. Едноставно, не можев да се одлучам кои маски да ги наградам со медал од Европската асоцијација на карневалските градови. Ме радува што пандемијата не успеа да ја разниша желбата за карневал во вистинска смисла на зборот“, кажа Ларс Елгел, претседател на Европската асоцијација на карневалски градови.

    Околу 3 часа траеше дефилето низ струмичките улици. (Фото: СДК.МК)

    Околу три часа траеше големото карневалско дефиле. Гостите можеа да видат огромни маски во кои се вложиле доста средства, но и љубов кон вековната традиција во Струмица. Карневалот продолжува и денес кога најмалите ќе ги презентираат своите креации, а следните три дена ќе бидат во знакот на опочнување на велигденските пости и празникот Тримери.

    Гости од Грција. (Фото: СДК.МК)

    Најдобрите карневалски креации ги оценува жири, а годинаа и публиката може да гласа онлајн. Победниците ќе бидат објавени во вторник и за нив се обезбедени парични награди.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира