Општина Штип почна да ја реконструира големата сала која е наменета за разни општински настани, а најмногу за одржување на седниците на општинскиот Совет. Градоначалникот на Штип Иван Јорданов најави експресна реконструкција, а Општината за комплетната обнова на салата од буџетот издвоила околу 16.000 евра.
Според Општината, стариот инвентар комплетно ќе биде обновен сосе столиците и клупите, а сега ќе биде една целина со малата сала која беше одвоена само со хармоника-врата, со што салата ќе има поголем капацитет.
Сала не е реконструирана од изградбата на општинската зграда пред повеќе од половина век, а во неа покрај општинската власт се сместени и подрачните единици на министерствата и други државни институции. Имаше мала реконструкција на крајот на 1980-тите кога доби и посебно студио за снимање на седниците и нивно тонско и печатено архивирање.
Јорданов вели дека со штипскиот изведувач на работите е договорено експресно и во најкус можен рок салата да биде комплетно обновена и првата наредна редовна седница на Советот во февруари да се одржи во неа. Ќе се обнови и холот пред салата каде се наоѓаат портретите на сите досегашни штипски претседатели на Општината и градоначалници и претседатели на Советот.
Т. ЈОВАНОВСКИ