ПО ТРИ ДЕНА БЛОКАДИ, ПОВТОРНО СЕ ИЗНЕСУВА СМЕТОТ ОД КУМАНОВО НА ДЕПОНИЈАТА КРАСТА

    ПО ТРИ ДЕНА БЛОКАДИ, ПОВТОРНО СЕ ИЗНЕСУВА СМЕТОТ ОД КУМАНОВО НА ДЕПОНИЈАТА КРАСТАОд ЈП „Чистота и зеленило“ велат дека пожарот на депонијата Краста е ставен под контрола, останува уште еден мал дел да се задуши со земја и тие работат на целосно гаснење. (Фото: СДК.МК)

    Екипи на ЈП „Чистота и зеленило“ ноќеска започнаа со празнење на контејнерите од кумановските улици, откако жителите на Пчиња и околните села го прекинаа протестот и ја одблокираа депонијата Краста која гори неколку дена. Директорот на јавното претпријатие Ненад Стојановски, вели дека сите нивни екипи се на терен и интензивно работата на чистење на градот од натрпаниот смет.

    „Започнаве со работа околу еден часот по полноќ и најкритичните точки веќе се исчистени. На некои места се враќаме и по 3-4 пати поради големите количини на смет. Сметот е насобран покрај контејнерите, но дел е расфрлал и по улиците што ни создава дополнителен проблем. Ќе работиме без престанок денес и утре додека не се исчисти градот за да спречиме појава на некоја зараза на овие високи температири. Ги замолување граѓаните да имаат трпение и да внимаваат каде го фрлаат ѓубрето“, изјави директорот Стојановски.

    Претседателот на месната заедница Пчиња, Александар Илиевски ни потврди дека се договориле со жителите да постапат во барањето на Советот на Општина Куманово и го прекинат протестот, и очекуваат дека Општина Куманово ќе ја исполни својата обврска и ќе формира работна група која ќе работи на решавање на проблемите кои се врзани со работата на депонијата, во спротивно најавуваат порадикални протести. Тие в понеделник ќе имаат средба и со градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски.

    Советот на Општина Куманово вчера одржа вонредна седница, на која донесе три заклучоци: жителите на Пчиња да ја тргнат блокадата на депонијата Краста, ЈП „Чистота и зеленило“ во најкраток рок да го изгасне пожарот, а Општина Куманово да формира работна група која во рок 30 дена ќе предложи мерки за решавање на проблемите со депонијата.

    Жители на кумановското селата Пчиња, Студена Бара и Вак’в излегоа на протест во вторникот и го блокираа влезот на депонијата Краста, откако предходната ноќ избувна голем пожар на депонијата Краста. Тие беа незадоволни поради тоа што надлежните од ЈП „Чистота и зеленило“ не реагирале навремено и дозволиле да се запали сметот поради кој нивните села се душат во чад и непријатна миризба.

    Тие бараат локалната власт да го контролира работењето на депонијата која е надвор од сите стандарди, за да не доаѓа до вакви еколошки катастрофи.

    Од ЈП „Чистота и зеленило“ велат дека пожарот на депонијата Краста е ставен под контрола, останува уште еден мал дел да се задуши со земја и тие работат на целосно гаснење.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира