ПО ЦЕЛА НОЌ РАБОТА, ПОПРАВЕН ГОЛЕМИОТ ДЕФЕКТ НА ВОДОВОДНАТА МРЕЖА ВО БИТОЛА

    ПО ЦЕЛА НОЌ РАБОТА, ПОПРАВЕН ГОЛЕМИОТ ДЕФЕКТ НА ВОДОВОДНАТА МРЕЖА ВО БИТОЛАЕкипи на Водовод и Нискоградба до четири часот утрово работеа на санирање на дефектот откако пукна азбестна цевка и предизвика кратер на асфалтот. (Фото: СДК.МК)

    Поправен е големиот дефект на водоводната мрежа на Булеварот Први мај во Битола, на потегот над Црн Мост, нормализирано е водоснабдувањето, а пуштен е и сообраќајот низ делницата на која се работеше до рано утрово.

    Екипи на јавните претпријатија Водовод и Нискоградба цела вечер до четири часот утрово работеа на санирање на дефектот кој се јави со пукање на азбестна цевка Ф 315 и предизвика кратер на асфалтот, поради што тој дел од градот беше оставен без вода со часови, а сообраќајот беше пренасочен на околните улици.

    На местото каде се интервенираше, коловозот утрово беше израмнет со песок и улицата пуштена за возила. Работници од комуналното претпријатие ја изметија сообраќајницата.

    Градоначалникот Тони Коњановски соопшти дека се работело за хаварија и дека минатата година изготвиле комплетна документација за реконструкција и промена на водоводната цевка, така што уште оваа градежна сезона ќе започнат со нејзина замена.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира