ПО ВТОРПАТ ОБЈАВЕН КОНКУРСОТ ЗА УРЕДУВАЊЕ НА РАСАДНИК ВО КИСЕЛА ВОДА, ОВОЈПАТ НЕМА ОГРАНИЧУВАЊА ЗА БРОЈОТ НА ИДЕЈНИ РЕШЕНИЈА

    ПО ВТОРПАТ ОБЈАВЕН КОНКУРСОТ ЗА УРЕДУВАЊЕ НА РАСАДНИК ВО КИСЕЛА ВОДА, ОВОЈПАТ НЕМА ОГРАНИЧУВАЊА ЗА БРОЈОТ НА ИДЕЈНИ РЕШЕНИЈАКонкурсот ќе трае 4 месеци, а наградите се 15.000, 8.000 и 3.000 евра за прво, второ и треторангираниот. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Општина Кисела Вода вчера повторно го објави меѓународниот конкурс за идејно решение за уредување на просторот Расадник. Конкурсот ќе трае 4 месеци, а единствена измена од претходниот е што нема ограничување во бројот на трудови кои треба да пристигнат.

    Иако посакуваните решенија не ги добивме во првиот обид поради тоа што и покрај големата заинтересираност, имаше недоволен број на пријави и конкурсот мораше да се поништи, сепак Општина Кисела Вода не се обесхрабри во намерата Расадник да биде пристојно и хумано место за живот. Жири комисијата веднаш по завршување на Конкурсот направи опсежна анализа за причините за недоволниот број на пријавени апликации. Во изминатиов период се одржаа состаноци со Архитектонскиот Факултет, Комората на Архитекти и Асоцијацијата на Архитекти на Македонија и се направија анкети на сите заинтересирани потенцијални апликанти. Во новиот конкурс е олеснет процесот за конкурирање, не е поставен лимит за пристигнати трудови, олеснување имаат и студентите кои можат да конкурираат без проектантско биро“, велат од Општина Кисела Вода.

    Наградите се 15.000, 8.000 и 3.000 евра за прво, второ и треторангираниот, како и за двата откупа во износ од по 2.000 евра, за кои ќе одлучува 9-члена меѓународна стручна жири комисија во која се вклучени и граѓаните преку Партиципативното тело за урбанизам на Општина Кисела Вода.

    Распишувањето се поклопува со 60-годишнината од катастрофалниот земјотрес во Скопје, после кој решение за новиот лик на главниот град се бараше токму преку Меѓународен конкурс. УНДП која во далечната 1964/65 со декларација ја презела обврската за реконструкција на Скопје, односно објавувањето на конкурсот за обнова на Скопје, ги препозна и поздрави нашите заложби за иновативни решенија во насока на креирање на услови за хумано и квалитетно живеење во Расадник. Оттука, оваа организација во рамките на проектот со кој ќе се одбележи јубилејот од земјотресот, ќе даде стручна поддршка и ќе го промовира Меѓунaродниот конкурс за Расадник преку своите меѓународни канцеларии, а ќе обезбеди и можност за зголемена транспарентност преку вклучување на набљудувачи во целиот процес“, додаваа од Општина Кисела Вода.

    Во Расадник со конкурсот ќе има згради, но не 99 висококатници кои целосно ќе го бетонизираат овој дел од градот. Се бара да биде предвидена и градинка, основно училиште, верски објект, урбана парк-шума од минимум 100.000 метри квадратни, спортско-рекреативни содржини, високо образование со ботаничка градина.

    Сегашниот Детален урбанистички план (ДУП) предвидува изградба на околу 100 нови згради на последното големо зеленило во Скопје, на само 2 километри од центарот на градот, со што дополнително ќе се загрозат и онака лошите и нехумани услови за живеење во овој дел од општината. Граѓаните на Кисела Вода излегоа на протести против лошиот ДУП и побараа минимум 40% јавно зеленило на просторот, катни гаражи, градинки, спортски терени, детски игралишта, училишта, поликлиника, велосипедски патеки.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира