Триесет и едногодишна родилка од Куманово синоќа починала при породување на Одделението за гинекологија и акушерство во Општата болница во Куманово.
Жената, која била во деветтиот месец од бременоста, завчера дошла во болницата откако ѝ почнало породувањето, но вчера попладне состојбата нагло ѝ се влошила и ненадејно починала. Ова ѝ била втора бременост.
„Родилката е примена со прснат водењак, отпочнато породување и слаби контракции. До вчера се чекало да се добијат спонтани контракции и по природен пат да продолжи породувањето. Откако тоа не се случило, отпочнати биле стимулации, нагло ѝ престанала срцевата работа, немала притисок, викнат бил анестезиолог за реанимација, но без резултати. Веднаш е однесена во операциона сала за да се извади плодот. Бебето е живо и итно е однесено на Детската клиника во Скопје“, изјави д-р Стефан Трајановски, директорот на Кумановската болница.
Тој го пријавил случајот во полиција и обвинителството, по што е направен увид на самото место. Телото на родилката е предадено на обдукција.
„Породувањето го вршеле двајца дежурни лекари, била присутна и екипа на анестезиолози. Можам само да кажам дека кај родилката бил утврден гестациски дијабет. Истрагата ќе ги даде одговорите и треба да утврди дали имало лекарска грешка при породувањето или не, бидејќи се работи за ненадејна смрт од неутврдена причина“, додава Трајановски.
С. НИКОЛИЌ