На 81 година денес почина доајенот на битолското новинарство Никола Талевски, догогодишен дописник од Битола и околниот регион за Македонската телевизија и сопственик на списанието „Инфо магазаин“. Покрај по новинарските написи и прилози, беше познат и по неговите сатири, хуморески и афоризми. Битолчани го препознаваа под псевдонимите Кољо Битољо и Ристо Модернисто со кои се јавуваше во радијата и весниците, преку шега жигосувајќи ги лошите појави во општествното живеење.
Со хумор и сатира се занимаваше повеќе од половина век, имаше свои емисии на Радио Скопје и Радио Битола, а афоризми му беа објавувани и наградувани ширум поранешна Југославија. Како текстописец Талевски се јавуваше и во хумористичното списание „Остен“, каде редовно соработуваше до згаснувањето на ова гласило.
Талевски во интервју за САКАМДАКАЖАМ.МК имаше изјавено дека по осамостојувањето на Македонија во медиумите имало голем отстапен простор за хумор и сатира. Немало политичар кој не бил исмејуван или бил поштеден од афоризам. Немало кикс, грешка, направена од носители на одредени функции која не била прокоментирана. Но, како што се приграбувала власта, така луѓето станувале понедопирливи и посебно чувствителни на хуморот и сатирата. Така почнале да згаснуваат и страниците во весниците, радиоемисиите и гласилата за оваа намена.
„Не може да се стави крај на она што се создава. Во заблуда се тие што мислат дека ќе го запрат творештвото. Тоа е исто како да сакаш да ја спориш мислата. Малку се сфаќа дека тој што врши јавна функција подлежи на јавна критика“, велеше Талевски.
Ги објави книгите со афоризми и хуморески „ Шегалџилница“, „И не мисли на грев“, „Еротски кажувања“, „Перење на мозокот“ и „Ветрокази“. Твореше до последните денови од животот. Погребот е утре во 12 часот на Буковските гробишта во Битола.
Ж. ЗДРАВКОВСКА