ПОЧИНА НОВОРОДЕНЧЕ ОД РЕСЕН, ДЕН ОТКАКО БЕШЕ РОДЕНО ВО БИТОЛСКАТА БОЛНИЦА И ТРАНСПОРТИРАНО ЗА СКОПЈЕ

    ПОЧИНА НОВОРОДЕНЧЕ ОД РЕСЕН, ДЕН ОТКАКО БЕШЕ РОДЕНО ВО БИТОЛСКАТА БОЛНИЦА И ТРАНСПОРТИРАНО ЗА СКОПЈЕОд Клиничката болница во Битола велат дека ги презеле сите потребни мерки. (Фото: СДК.МК)

    Машко новороденче починало ден откако било родено во Клиничката болница во Битола. Несреќата се случила во саботата, на 15 јули, а бебето било родено претходниот ден со царски рез. Бебето во саботата било транспортирано од Битолската болница до Детската клиника во Скопје, од каде родителите биле известени дека починало.

    Таткото Драгољуб Китоски од Ресен обвинува дека не бил известен на време за влошената здравствена состојба на бебето, не му било овозможено да го види пред да се направи транспортот и дека не биле преземени навремено мерки за да се спаси нивниот син.

    Од Клиничката болница велат дека состојбата на детето одеднаш се влошила и било транспортирано за Скопје, а родителите на време ги известиле. Велат ги презеле сите потребни мерки.

    Министерството за здравство соопшти дека заменичката-министерка Маја Манолева испратила наредба до Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) веднаш да спроведе вонреден инспекциски надзор во Клиничка болница Битола и во Клиникатѕа за детски болести за текот на лекување и третманот на родилката (З. Т.) и нејзиното починато новороденче.

    Таткото Китоски за САКАМДАКАЖАМ.МК вели дека сопругата ја однел во петокот на Болницата во Битола зашто имала болки, а таму ги упатил матичниот гинеколог. Претходно немала проблеми со бременоста и пиела лекови само за астма.

    „Се породи во петокот и докторот и помошниот тим ми го честитаа синот. Рекоа дека е во ред. Сопругата истиот ден околу 19 часот на телефон ми јави дека медицинска сестра ѝ рекла дека бебето не е во ред. Ѝреков да им го даде телефонот да ме побараат. Но, повик не добив и мислев дека е во ред. Другиот ден кога ја посетив во 15 часот ми кажаа дека синчето е во критична состојба и да сум се молел на Бога. Организираа транспорт и јас не го видов пред да го пратат за Скопје, не ни знам дали живо го изнесоа одовде”, вели таткото.

    Подоцна добиле повик од скопската болница дека син им починал.

    „Ќе ангажирам адвокат и ќе тужам. Имаа на располагање 18 часа да ми го спасат синот или да ме информираат дека е во лоша состојба, да барав начин итно да го пренесам во Скопје. Додека траеше транспортот не бев повикан како родител да присуствувам. Не го видов пред да го извадат, да видам дали е живо“, вели таткото.

    Од Клиничката болница Битола соопштија дека пациентката била во поодмината бременост и се жалела на болки веќе два дена. Ѝ бил направен царски рез, а ова ѝ била трета неуредно контролирана бременост, со претходни еден царски рез и еден спонтан абортус. Пациентката дава податок дека за време на бременоста посетувала два различни матични доктори и за првпат дошла на Оддел за гинекологија и акушерство при  Клиничката болница Битола за преглед. Бебето се родило со вредност Апгар 5.77, на раѓање аспирирано и кратко реанимирано. На Оддел за неонатологија било поставено на кислородна поддршка во инкубатор за мониторирање.

    „Неколку саати подоцна, од страна на доктор неонатолог мајката е известена за состојбата на новороденчето. Во текот на денот, состојбата на новороденото се подобрува, истото е со подобрена сатурација, везикуларно дишење, добро прима храна. Во саботата во 13:25 часот состојбата на новороденото нагло се влошува поради што се повикани двата родители да дадат писмена согласност за транспорт на новороденото, бидејќи е со висок ризик. На двата родители им е објаснето дека состојбата на новороденчето е ризична. Транспортот е реализиран во најбрз можен рок”, соопштија од Битолската болница.

    На Клиниката за детски болести било констатирано дека бебето починало и било вратено во Битола. Телото е предадено за обдукција.

    Клиничката болница во Битола минатата година беше во центарот на вниманието откако почина 5-годишната Јана, а месец дена подоцна и новороденче. Надлежните не утврдија лекарска грешка во двата случаја. Само во случајот со новороденчето беа евидентирани административни пропусти. По ова следеше директорска смена во болницата.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира