ПОЧИНА ОСНОВАЧОТ НА БИТОЛСКИОТ „МОНМАРТР“, КОСТА ХАЏИ АНТОНОВСКИ, ЗА 39 ГОДИНИ СОБРА МИЛИОН ДЕТСКИ ЦРТЕЖИ ОД ЦЕЛ СВЕТ

    ПОЧИНА ОСНОВАЧОТ НА БИТОЛСКИОТ „МОНМАРТР“, КОСТА ХАЏИ АНТОНОВСКИ, ЗА 39 ГОДИНИ СОБРА МИЛИОН ДЕТСКИ ЦРТЕЖИ ОД ЦЕЛ СВЕТХаџи Антоновски пред 39 години се откажа од кариерата на уметник и целосно се посвети на едукацијата на млади ликовни таленти (Фото: СДК.МК)

    На 86-годишна возраст почина творецот на детската ликовна колонија „Мал битолски Монмартр“, Коста Хаџи Антоновски. Беше еден од најпознатите македонски ликовни педагози, кој ја впиша Битола на светската карта на ликовната уметност, создавајќи го детското ликовно студио „Кирил и Методиј“, кое е организатор на „Мал битолски Монмартр“, меѓународна детска ликовна колонија што почна да се одржува во 1982 година.

    Детското ликовно студио и колонијата ги создаде пред 39 години кога се откажа од кариерата на уметник и целосно се посвети на едукацијата на млади ликовни таленти. Тој им помогна на стотици деца да научат да сликаат. Организираше 39 изданија на „Монмартр“ и 38 на Светската изложба и успеа да собере над милион детски цртежи од цел свет. Подготвил три изложби за Гинис, а гостуваше со изложби во Стокхолм, Букурешт и на летните олимпијади во Сиднеј 2000, Атина 2004, Пекинг 2008, Лондон 2012 и Рио де Жанеиро 2016.

    Секој 24 мај, Хаџи Антоновски пречекуваше во Битола 50-ина деца и ликовни педагози од целиот свет, кои тука ја сликаа старата градска архитектура на Битола, Охрид и Крушево.

    Беше добитник на меѓународни признанија за неговата педагошка и ликовна дејност. Поранешниот француски амбасадор Жан Клод Шлумберже лично му го врачи медалот за високи достигнувања во областа на уметноста, што го доделува француското Министерство за култура. Во 2004 ја доби наградата „Адмиралот на честа“ на градот Париз, како и наградата „Монмартр на Европа“ од Франција. Беше добитник и на највисокото општинско признание за животно дело, „4 Ноември“.

    Погребот ќе се одржи утре на Светонеделските гробишта во Битола.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира