ПОЧИНА ВАСКО ЈОЛЕСКИ, ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА „ХРАБРО СРЦЕ“ И ДОЛГОГОДИШЕН БОРЕЦ ЗА ПРАВАТА НА ПАЦИЕНТИТЕ СО СРЦЕВИ БОЛЕСТИ

    ПОЧИНА ВАСКО ЈОЛЕСКИ, ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА „ХРАБРО СРЦЕ“ И ДОЛГОГОДИШЕН БОРЕЦ ЗА ПРАВАТА НА ПАЦИЕНТИТЕ СО СРЦЕВИ БОЛЕСТИЈолески со години се соочуваше со тешка срцева слабост, дијагностицирана во 2011. Во 2020 му беше поставена механичка циркулаторна потпора. (Фото: СДК.МК)

    Почина Васко Јолески од Струга, претседател на Националното здружение „Храбро срце“, кој повеќе од шест години живееше со механичка пумпа за поддршка на срцето, чекајќи можност за трансплантација.

    Јолески со години се соочуваше со тешка срцева слабост, дијагностицирана во 2011. Во 2020 му беше поставена механичка циркулаторна потпора, од која зависеше неговото секојдневно функционирање додека чекаше соодветен донор за трансплантација на срце.

    Како претседател на „Храбро срце“, тој активно се залагаше за подобрување на условите за лекување на пациентите со механичка циркулаторна потпора. Јавно укажуваше на предизвиците со кои се соочуваат овие пациенти, високите трошоци за лекување и потребата од системска поддршка, како и од поголема свест за органодарителството.

    Неодамна се појави можност за трансплантација на срце, надеж што Јолески ја очекуваше со години. Тој ја прифати можноста за оперативен зафат, кој претставуваше надеж и за другите пациенти што живеат со механичка циркулаторна потпора. Според претходно објавените информации, требаше да биде направен обид за трансплантација, со што Јолески можеше да стане првиот пациент во ваква состојба кај кого ќе се изведе таков зафат.

    Васко Јолески зад себе ја остава приказната за долгогодишна борба со тешка болест, но и за неговата посветеност на застапувањето на правата на пациентите и подигнувањето на јавната свест за значењето на донорството на органи.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира