ПОЧИНА ВАСКО ВОЈНЕСКИ-ВАСИЧОТ, TАТУ МАЈСТОРOT ОД БИТОЛА, ЗА 10 ДЕНА ПОЧИНАА ДВЕ ЛИЦА СО ДАУНОВ СИНДРОМ

    ПОЧИНА ВАСКО ВОЈНЕСКИ-ВАСИЧОТ, TАТУ МАЈСТОРOT ОД БИТОЛА, ЗА 10 ДЕНА ПОЧИНАА ДВЕ ЛИЦА СО ДАУНОВ СИНДРОМИако немаше можност да работи со вистинска опрема за тетовирање, тоа не го спречи Војнески секојдневно да црта по неколку тетоважи на хартија. (Фото: СДК.МК)

    На 36-годишна возрат ненадејно почина Васко Војнески-Васичот, битолчанец со Даунов синдром кој имаше талент на вистински тату мајстор. Иако немаше можност да работи со вистинска опрема за тетовирање, тоа не го спречуваше секојдневно да црта по неколку тетоважи на хартија. Многумина битолчани, познавајќи ја неговата умешност, дозволуваа со мастило и маркери да им исцрта тетоважи на рацете. Инспирацијата за тетоважите ја наоѓаше во рап музиката.

    „Децата на негова возраст не го отфрлаа, туку го прифатија и земаа во нивно друштво. Живееме на Широк Сокак и тој порасна на главната битолска улица. Другарите слушаа рап музика и тој почна да го слуша тоа. Открив дека со секоја песна што ќе ја слушнеше на својот таблет, бидејќи знаеше самостојно да користи Интернет, произлегуваше по некој цртеж. Песната кај него предизвикуваше емоции и тој неа ја преточуваше во цртеж. Емоциите не ги изразуваше само преку формите, туку и преку боите. Светло сино кога беше мирен и расположен, црвено кога имаше копнеж, мотивација, црна кога мелодијата беше тажна“, рече мајка му Нада Војнеска во текст што САКАМДАКАЖАМ.МК го објави пред две години.

    Васко имаше нацртано стотици цртежи и тетоважи. Беше среќен кога ќе подареше некои од нив или ќе дозволеа некои пријатели и други лица да им нацрта тетоважи на рацете.

    Овој несуден тату мајстор беше член на Центарот за поддршка на лица со интелектуална попреченост „Порака“ од Битола. За неполни 10 дена Центарот изгуби два млади членови, 19-годишната девојка со Даунов синдром која почина како сомнителна на ковид-19, а не беше тестирана, а сега и Васко кој не почина од коронавирус. Од Центарот ,,Порака” апелираат до надлежните, лицата со интелектуална попреченост да добијат предност при вакцинацијата зашто повеќето од нив се со намален имунитет.

    Министерот за здравство Венко Филипче вели дека како ќе се зголемува достапноста, бројката на вакцини, ќе разговараат и за други критични категории.

    „Засега стратегијата е да се оди според возраста, сепак тоа се најкритичните категории на граѓани, ние така го започнавме планот за имунизација и така го продолжуваме“, одговори изминативе денови министерот за здравство Венко Филипче на новинарските прашања за барањата на граѓаните.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира